ВМРО-Народна партија алармира: Изборот на Јовиќ-Стојковска во ДПМ е „великосрпско поткопување“ на македонскиот идентитет
ВМРО-Народна партија изрази сериозна загриженост по најавата дека Гордана Јовиќ-Стојковска е единствениот кандидат за нов претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Од партијата обвинуваат дека нејзиниот избор не е само кадровско прашање, туку обид за институционално инсталирање на антимакедонски политики.
Во соопштението упатено до јавноста, ВМРО-НП иронично забележува дека кандидатката веројатно е „поквалитетна од сите изворни македонски писатели“, но акцентот го става на нејзиниот политички и идеолошки ангажман.
„Чест гостин на прославите за српското ослободување на Македонија“
Од партијата посочуваат дека Јовиќ-Стојковска е редовен учесник и говорник на манифестации со кои се одбележува српското влијание врз територијата на Македонија, кои за ВМРО-НП претставуваат симболи на поделбата и трагедијата на македонскиот народ.
„Писателката е редовен гостин на прославите на Зебрњак, Битката на Брегалница и Битката кај Удово – настани со кои се одбележува т.н. српско ослободување на „Стара“ или „Јужна Србија“. Таа често ги држи главните говори, каде што нејзина специјалност е обвинувањето за наводна „бугаризација“ на историското ВМРО“, стои во партиската реакција.
Директни обвинувања до власта
ВМРО-Народна партија смета дека ваквиот потег е директен удар врз националните идентитетски вредности и упати критика до актуелната владејачка гарнитура.
„Ова инсталирање на писател кој е веќе докажан во великосрпската политика и аспирација кон Македонија го гледаме како поткопување на основните македонски вредности. Жалиме што во ова активно учествува партијата која го носи името „ВМРО“, заклучуваат од партијата на Љубчо Георгиевски.
Засега нема официјална реакција од Друштвото на писателите на Македонија ниту од кандидатката Гордана Јовиќ-Стојковска во врска со овие политички обвинувања.
(интегрален текст од соопштението на ВМРО-Народна партија)
„ВМРО-Народна партија со загриженост ја проследи информацијата дека единствен кандидат за нов претседател на Друштвото на писателите на Македонија ќе биде Гордана Јовиќ – Стојковска.
Не се сомневаме дека таа е сигурно едно ниво поквалитетна од сите изворни македонски писатели и со тоа заслужила да биде кандидат за претседател на ДПМ но исто така не можеме, а да не го истакнеме и нејзиниот ангажман во рамките на прославите за српското ослободување на Србите од Стара или Јужна Србија.
Имено писателката Гордана Јовиќ – Стојковска е една од најредовните гости на сите прослави како што се оние на Зебрњак, Битката на Брегалница, Битката кај Удово и сите други со кои е одбележана поделбата и трагедијата на Македонија.
Не само што учествува како гостин туку многу често таа и ги држи главните говори каде што посебна специјалност и е бугаризацијата на историското ВМРО.
ВМРО-Народна партија, ова инсталирање на писател кој е веќе докажан во великосрпската политика и аспирација кон Македонија не го гледа како ништо друго освен како поткопување на основните македонски идентитетски вреднсти во кое активно за жал учествува партијата која го носи името „ВМРО“.