ВЛЕН: Кој го штити Артан Груби и зошто случајот за „Државна лотарија“ се движи со „полжави чекори“?

1

Коалицијата ВЛЕН преку соопштение упати серија обвинувања за одолговлекување на судските и истражните постапки против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Од коалицијата алармираат дека јавноста сè уште чека одговор за злоупотребите тешки 8 милиони евра во случајот со „Државна лотарија“, каде Груби е првоосомничен заедно со Перпарим Бајрами.

Од ВЛЕН го опишуваат Груби како „жива архива на ДУИ“ и човек кој ги поседува информациите за сите договори, потписи и политички пазари на претходната власт, сугерирајќи дека токму тоа е причината за институционалниот молк.

„Прашањето што само по себе се наметнува е: кој го одолговлекува овој случај? Кој има интерес Артан Груби да молчи и кој се плаши од тоа што може да го открие архивата на ДУИ?“, прашуваат од коалицијата.

Сомнежи за влијание врз обвинителството

Во соопштението, ВЛЕН директно го прозива и шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Тие потсетуваат на информациите дека Груби вработил блиска роднина на Абази, која подоцна била префрлена во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

„Граѓаните имаат право да прашаат дали ова е случајност или дел од мрежа што произведува заштита, молк и недопирливост. Случајот „Груби“ не смее да заврши во фиока или да стане предмет на нов политички пазар“, децидни се од ВЛЕН.

Од коалицијата бараат итно дејствување од страна на правосудните органи, нагласувајќи дека секое одложување на правдата директно ја поткопува довербата во системот и го загрозува европскиот пат на државата. Случајот со „Државна лотарија“, според нив, е еден од најексплицитните примери за тоа како политиката и бизнис интересите биле испреплетени за приватни цели на поединци од претходното раководство.

Македонски