Комисија за заразни болести: Низок е ризикот од Хантавирус во земјава, здравствениот систем е подготвен

7

Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство одржа итна седница на која се анализираше глобалната состојба со појавата на кластер со Хантавирус – варијанта „Андес“. Стручните лица оценија дека во Македонија ризикот од појава и ширење на овој вирус е на ниско ниво, а здравствените институции се веќе подготвени за соодветен одговор доколку се појави евентуална инфекција.

Од Комисијата информираат дека Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) веќе располага со потребните реагенси за лабораториско докажување на вирусот, како и со воспоставени стандардни оперативни процедури за дијагностика.

Капацитети за третман и карактеристики на вирусот

Доколку се појават пациенти со симптоми карактеристични за Хантавирус, Универзитетската клиника за инфективни болести располага со соодветни капацитети за нивен третман. Клиниката е опремена со услови за интензивна нега, апарати за механичка вентилација и целосна респираторна поддршка.

Комисијата за заразни болести појасни дека специфично за варијантата „Андес“, за разлика од другите типови на Хантавирус, е тоа што постои можност за пренос од човек на човек. Сепак, експертите смируваат дека ваквиот пренос бара подолг и близок контакт.

„Важно е да се нагласи дека преносот на овој вирус не е ниту брз, ниту лесен како што е случајот со коронавирусните инфекции“, истакнуваат од Комисијата.

Здравствените власти продолжуваат внимателно да ги следат сите информации од меѓународните здравствени организации во врска со ширењето на овој вирус во светски рамки.

Македонски