Сиљановска-Давкова: Преспанскиот договор е реалност, но тој го потврдува македонскиот идентитет и јазик

15

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за Македонското радио направи детален пресек на својот двегодишен мандат, ставајќи посебен акцент на меѓународните предизвици и заштитата на националните интереси во процесот на евроинтеграција.

Осврнувајќи се на Преспанскиот договор, претседателката истакна дека иако нејзиниот став е дека тој е донесен во спротивност со меѓународното и домашното право, денес истиот претставува политичка реалност. Сепак, таа нагласи дека токму овој документ нуди меѓународна потврда за идентитетот.

„Договорот го потврдува постоењето на македонскиот народ, јазик и култура“, децидна е Сиљановска-Давкова.

Борба против „двојните стандарди“ на ЕУ

Најголемиот дел од разговорот претседателката го посвети на патот кон ЕУ и односите со Бугарија. Таа категорично ги отфрли обвинувањата дека со своите настапи „им држи лекции“ на странските дипломати, објаснувајќи дека нејзината реторика е одраз на правото и правдата.

„Водена од националниот интерес, но и од правото, само укажувам на неодржливоста на односот кон нас. ЕУ мора да го почитува националниот и културниот идентитет на народите, согласно Лисабонскиот договор и практиката на Европскиот суд за човекови права“, порача претседателката.

Според неа, прашањата за јазикот и историјата не смеат да бидат предмет на преговори, а барањата за уставни измени кои не се дел од европското законодавство (acquis) ги оцени како несоодветни. Таа изрази задоволство што високи претставници, како претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, почнуваат да ја препознаваат потребата од јасни гаранции за Македонија.

Зголемена меѓународна видливост

Сиљановска-Давкова оцени дека две години по преземањето на функцијата, успеала да го зајакне интегритетот на институцијата Претседател и да ја зголеми видливоста на државата на светската сцена. Како клучен фактор за овие поместувања го посочи своето долгогодишно искуство во европските институции, кое датира уште од 1996 година.

„Многу процеси се придвижија. Нашата активност на меѓународната сцена е резултат на експертски пристап и директна комуникација со граѓаните, што придонесе за зацврстување на државните позиции“, заклучи претседателката во интервјуто.

Македонски