Честитки од Сиљановска и Гаши по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

1

„Денешниов празник е доказ дека решителниот работнички бунт за осумчасовно работно време, кренат во Чикаго од над 10.000 работници во 1886 година, и по повеќе од еден век, сè уште ги инспирира и повикува на единство и солидарност работниците во борбата за нивните права, работодавачите на преиспитување на односот кон нив, а носителите на власта, на промисла на економската и социјална политика, низ призма на демократијата.

Одбележувањето на Денот на трудот во над 160 држави е вистински момент за соочување со сè уште актуелните прашања: дали ги почитуваме општо прифатените норми на меѓународното трудово право?; дали сме само уставно, или и во стварноста социјална држава?; дали социјалната правда е идеал или реалност?; дали работничкиот труд е соодветно вреднуван, односно дали работниците се правично наградени за работата и можат да напредуваат согласно знаењето и вложениот труд?;  дали се безбедни и сигурни на работното место?; дали и зошто има случаи на присилна работа?; дали секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место?; дали секој вработен има право на платен дневен и неделен и годишен одмор?; каков е односот на колективните партнери кон колективните договори и правото на штрајк?

Од одговорите на гореспоменатите прашања зависи уживањето на економските и социјални правa од страна на работниците, коишто пак, го детерминираат обемот и квалитетот на нивните културни права. Не смееме да заборавиме дека синдикалното организирање, правото на протест и социјалниот дијалог се предуслови за рамнотежа меѓу економските интереси и социјалната правда. Како претседателка на сите граѓани, потсетувам дека имаме обврска да градиме општество во коешто трудот се цени и вреднува, а социјално-економските права се остваруваат!

Да се однесуваме кон работниците како кон вреден социјален капитал, ако сакаме да ги задржиме тука, или да ги вратиме дома. Да сфатиме дека само задоволни работници може да бидат вредни и продуктивни“, се вели во честитката на Сиљановска.

Во честитката на претедателот на Собранието Африм Гаши се вели дека Меѓународниот ден на трудот е ден посветен на сите оние кои со својот труд, знаење, посветеност и одговорност секојдневно придонесуваат за развојот на нашето општество.

„Работничките права, достоинствената работа, социјалната правда и еднаквите можности не се само вредности што треба да ги чествуваме, туку и обврски кон кои постојано треба да се стремиме.

На сите работници во Република Северна Македонија им упатувам искрени честитки и благодарност за нивниот придонес. Вашиот труд е темел на економскиот напредок, на стабилноста на семејствата и на иднината на државата.

Како институции, имаме одговорност да продолжиме да создаваме услови за безбедна, правична и достоинствена работа, во која секој човек ќе биде почитуван, заштитен и соодветно вреднуван.

Во мое лично име и во име на Собранието на Република Северна Македонија, ви посакувам добро здравје, благосостојба и многу успех на личен и професионален план. Честит 1 Мај – Ден на трудот“.

Македонски