ССМ повикува на масовен протест за 1 Мај: Половина од работниците во државата преживуваат со помалку од 600 евра

9

Под мотото за достоинствена плата и безбедни работни услови, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и оваа година ќе го одбележи 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, со голем протестен марш низ улиците на Скопје. Протестот ќе започне во 11 часот пред седиштето на ССМ, а рутата ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, со завршница пред зградата на Владата.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска упати директен повик до сите вработени масовно да се приклучат и да го кренат гласот против социјалната неправда. Тој обелодени поразителни податоци од Управата за јавни приходи, кои ја отсликуваат тешката економска состојба на македонскиот работник.

„Застанете рамо до рамо со нас, не жалете се само по пораки“

„Повеќе од 260.000 работници во Македонија живеат со примања пониски од 600 евра. Тоа е точно половина од вкупната работна сила во државата. Наместо само да ни се жалат по пораки или кога ќе нè сретнат на улица, ги повикувам овие луѓе да застанат рамо до рамо со нас и јасно да покажат дека се незадоволни од своите примања“, истакна Трендафилов.

Според пресметките на Синдикатот, неодамнешното усогласување на минималната плата од околу 1.600 денари е целосно „изедено“ од растот на трошоците за живот. Синдикалната минимална кошница од почетокот на годинава пораснала за над 3.300 денари, што значи дека на едно семејство со две минимални плати му недостигаат значителни средства само за да ги покрие основните потреби.

Опасност од укинување на колективните договори

Трендафилов предупреди и на правната несигурност на работниците. Тој посочи дека постои реален ризик од „домино ефект“ по претставката до Уставниот суд за колективниот договор во културата. Доколку се укинат овие договори, се доведува во прашање начинот на пресметка на платите за илјадници вработени.

Аларм за безбедноста на работното место

По неодамнешните трагични несреќи на градилиштата, првиот човек на ССМ побара итен ангажман на инспекциските служби.

„Трагичната загуба на човечки животи мора да биде аларм за сите. Потребни се повеќе инспектори и засилени контроли на терен за да се спречат вакви несреќи. Безбедноста на работното место не смее да биде компромис“, нагласи тој.

Синдикатот порачува дека 1 Мај не е ден за излети, туку ден кога работничката класа треба да биде најгласна во борбата против експлоатацијата и ниските плати.

Македонски