Четврт век од крвавата заседа кај Вејце: Македонија се поклонува пред споменот на загинатите бранители во Вејце и Битола
Денеска се навршуваат точно 25 години од еден од најтрагичните и најбруталните настани во современата македонска историја – масакрот кај тетовското село Вејце. На овој ден во 2001 година, во подмолна заседа, животите ги загубија осум припадници на безбедносните сили, оставајќи зад себе вечна болка, но и завет за почит кон нивната жртва.
На 28 април 2001 година, во 17:45 часот, комбинирана патрола на воените и полициските сили беше нападната од заседа на патот меѓу селата Селце и Вејце на Шар Планина. Во нападот извршен од припадници на т.н. ОНА, на свиреп начин беа убиени: Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски, Игор Костески, Марјан Божиновски, Кире Костадиновски, Бошко Најдовски и Илче Стојановски.
Четворица од нив беа гордост на Битола, а нивната смрт пред 25 години предизвика длабок лелек низ градот под Пелистер.
Почит за хероите: Цвеќе и молитви на вечните почивалишта
Денешниот црн јубилеј ќе биде одбележан со низа комеморативни активности. Бројни делегации од МВР, поранешни колеги на загинатите, политички претставници, граѓани и здруженија на бранители ќе оддадат почит пред спомен-обележјата подигнати во нивна чест.
Централното чествување во Битола започнува пред споменикот на загинатите бранители во кругот на СВР Битола, по што ќе следува положување свежо цвеќе пред споменикот „Ангел“ кај Градскиот часовник. Делегациите ќе ги посетат и нивните вечни почивалишта на старите гробишта во Битола, како и во селата Породин, Долно Оризари и Ивањевци.
Масакрот кај Вејце останува запаметен како најбруталниот напад во воениот конфликт од 2001 година, чија свирепост и денес ја бранува јавноста. Одбележувањето на оваа годишнина е потсетник дека споменот за македонските маченици и нивните колеги останува неизбришлив дел од колективната меморија на македонскиот народ.