Инцидент во скопската Зоолошка: Ученици фрлале камења по слоницата додека професорите пиеле кафе

13

Група средношколци од скопското угостителско училиште „Лазар Танев“ биле забележани како фрлаат камења кон слоницата во Зоолошката градина во Скопје, додека нивните професори, кои требало да ги надгледуваат, седеле во кафуле. Овој вознемирувачки настан го обелодени зоонегователот Виктор, кој преку социјалните мрежи упати остар апел за враќање на почитта и одговорноста кон животните.

Виктор, кој секојдневно се грижи за животните во скопската Зоолошка, не го криеше своето разочарување од недостигот на емпатија кај младите и неодговорноста на нивните наставници.

Според неговото сведоштво, ваквото однесување предизвикува огромен стрес кај животните.

„Денес имав ситуација што искрено ме разочара. Не сакам да генерализирам — не се сите деца исти, ниту сите професори се неодговорни. Но, вакви поединци оставаат лоша слика и, уште полошо, нанесуваат стрес и штета на животни кои се под наша грижа. Ова не е ‘заебанција’. Како зоонеговател, секојдневно гледам колку се чувствителни и интелигентни овие суштества“, напиша тој во својата објава.

„Се знаеше ред, почит и одговорност“

Правејќи паралела со минатото, зоонегователот потсети на времињата кога дисциплината и домашното воспитување биле на многу повисоко ниво.

„Ако некој од нас пред 25–30 години направеше ваква глупост, последиците ќе беа сериозни — и од дома, и од училиште. Не затоа што некој сакал да казнува, туку затоа што се знаеше ред, почит и одговорност. Мислам дека е време повторно да се потсетиме на тие вредности“, посочи тој.

Апел за едукација и очекување на санкции

Инцидентот отвора сериозни прашања за однесувањето на учениците за време на организирани посети, но и за одговорноста на наставниот кадар. Виктор упати јавна порака до родителите и образовниот систем да поработат на свеста кај младите.

„Научете ги децата дека животните не се мета за забава, туку живи суштества што заслужуваат почит“, апелираше тој.

Како што информираше зоонегователот, за скандалозното однесување веќе бил известен директорот на средното училиште, по што се очекува да следат соодветни санкции и реперкусии за инволвираните ученици, но и одговорност од професорите кои го допуштиле тоа.

Македонски