Пругата кон Бугарија влегува во клучна фаза, Коридорот 8 ќе чини вкупно 5 милијарди евра

16

Изградбата на стратешката железничка врска со Бугарија добива на интензитет. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска најави дека веќе е објавен тендерот за избор на надзор за третата фаза од пругата, а набрзо се очекува и почеток на градежните работи на терен.

Пред почетокот на состанокот посветен на активностите и плановите за Коридорот 8, на кој учествуваат и претставници на Делегацијата на Европската унија, Николоски информираше дека за десетина дена ќе биде објавен и тендерот за избор на изведувач за оваа делница.

„Очекуваме во текот на летото работите на терен и официјално да започнат. Државата покажува дека има капацитет да спроведува големи инфраструктурни проекти. Вкупната вредност за изградба на железничкиот и патниот дел од Коридорот 8 ќе изнесува околу 5 милијарди евра“, изјави Николоски.

Фокус и на западното крило и патната мрежа

На денешниот состанок, покрај источната пруга, се разговара и за западното железничко крило на Коридорот 8, како и за тековните проекти за изградба на патните делници по должината на овој коридор. Министерот потенцираше дека динамиката на изградбата на патиштата во моментов се одвива според предвиденото.

ЕУ: Коридорот 8 е клучен за стабилноста и економијата

Бен Нупнау од Делегацијата на ЕУ ја потврди силната поддршка од Брисел за овој проект, нагласувајќи дека тој има огромно стратешко и безбедносно значење, особено во контекст на актуелните геополитички кризи.

„Коридорот 8 е стратешки проект со директни придобивки за граѓаните и државите во регионот. Денешниот состанок е јасна потврда за заложбата на Владата за целосно спроведување на овие значајни инфраструктурни зафати“, истакна Нупнау.

Коридорот 8 се смета за една од најважните европски сообраќајни оски, која треба да ги поврзе Јадранското и Црното Море, овозможувајќи побрз транспорт на стоки и услуги низ Македонија, Бугарија и Албанија.

Македонски