Владата инвестира 1,5 милион евра во нов центар за сајбер безбедност
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави формирање на Владин центар за одговор на сајбер инциденти, во кој се вложени 1,5 милион евра од домашни и европски средства. Тој предупреди и дека домашниот ИТ сектор е под сериозен притисок од вештачката интелигенција и затворањето на западноевропските пазари.
Центар за сајбер инциденти со европска поддршка
Во гостувањето во емисијата „Клик Плус” на ТВ21, Андоновски информираше дека за проектот се обезбедени 1,5 милион евра – дел од средствата од Европската Унија, а дел од домашниот буџет.
„Вложивме средства за отворање на Владин центар за одговор на сајбер инциденти. Ќе треба реално да гледаме што се случува во сајбер безбедноста”, рече министерот.
Со овој центар институциите ќе имаат подобар капацитет за справување со сајбер заканите и инцидентите, кои во последните години стануваат сè почести и пософистицирани.
Андоновски посочи дека сајбер нападите денес сè почесто се користат како алатка за водење асиметрични војни, како од државни, така и од недржавни актери, со напади насочени кон критичната инфраструктура – не само цивилната, туку и здравствената, образовната и другите клучни области.
ИТ секторот под притисок – примањата стагнираат
Министерот даде загрижувачка оценка за состојбата во домашниот ИТ сектор, кој веќе не бележи раст како во претходните години.
„Вештачката интелигенција, затворањето на одредени пазари од Западна Европа – се чувствува притисок на приватниот домашен ИТ сектор. Не вработува како во 2021, 2022, 2023. Примањата или се намалуваат или стагнираат, а луѓето кои немаат работа веќе се спуштаат на минимална плата”, рече Андоновски.
Тој додаде дека поради оваа состојба интересот за вработување во државната администрација се зголемува, што претставува пресврт во однос на претходните години кога ИТ секторот привлекуваше кадри со значително повисоки примања.
Стратешки дијалог со САД – Македонија единствена европска земја со втора сесија
Андоновски најави дека идната недела ќе биде дел од македонската делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог со САД во Вашингтон, нагласувајќи го значењето на овој процес.
„Ние ќе бидеме единствената европска држава која оваа година ќе одржи втора сесија од Стратешкиот дијалог”, рече министерот.
Тој потсети дека уште во јануари, на највисоко ниво во Стејт департментот, разговарал за:
- Соработката во дигитализацијата и сајбер безбедноста
- Дигиталната инфраструктура
- Размената на информации за потенцијални ризици во сајбер просторот
„Очекувам од овој Стратешки дијалог да произлезат конкретни точки што ќе значат подобрување на можностите за македонските граѓани, за економијата и за соработката меѓу институциите”, изјави Андоновски.