Изложба „Будна вода“ и промоција на збирката „Разбудена вода“ од Дијана Петкова во Н.У. Центар за култура Крива Паланка

8

На 21.3.2026, кога се одбележува Денот на екологијата и Денот на пролетта, во галеријата на НУ Центар за култура Крива Паланка, со почеток во 12:30ч. Со промоција на збирката „Разбудена вода“, ќе биде отворена и изложба „Будна Вода“ од Дијана Петкова.
Циклусот „Будна вода“ опфаќа четириесет дела, но само дваесет слики работени во техниката акрилик на платно и комбинирана техника, но ќе бидат изложени само дваесет дела. Сликите се работени во периодот од 2022 – 2025 година.

Во најновата книга на Дијана Петкова, симболот на водата е многу моќен. Авторката пишува за свеста на водата и во својот вовед водата ја става на пиедестал велејќи дека водата е нејзината „водилка-придружничка“.

„Разбудена вода“, меѓу другото, претставува и книжевно дело со еколошка свест и порака, а тоа го прави ова дело општествено одговорно. Имено, фактот што водата е препознаена како важен природен ресурс, а истовремено и како важен книжевен симбол, го мапира ова книжевно дело меѓу ретките книжевни, ненаучни дела посветени на
екологијата и инспирирани од неа.

Изложбата ќе ја отвори и збирката ќе ја промовира Сашко Додевски – директор на Центарот за култура Крива Паланка.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 28.3.2026.

Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи.Учела сликање кај академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски. Авторски потпис ставила на две самостојни изложби „Момент во денот“ и „Будна вода“, на четири онлајн изложби на платформата Artsteps: “Life is poetry”, „Поврзи се“ и „Седум порти на лотосот“, а учествувала и на дваесетина групни изложби.
Организирала четириесет и осум самостојни изложби на академскиот сликар Тони Шулајковски, а истовремено го менаџира неговото творештво.

Во креативниот центар „Арс вивенди“, каде што работи како менторка во студиото за креативно пишување, организирала дваесет завршни изложби и промовирала шест книги: „Слободна вода“, „Тивките сили на духот“, „Мисли молкома“, „24/7“, „Месечино, диши! и „Дремката на облакот“, изработени од деца – членови во овој креативен центар.

Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“ „Стожер“, „ТЕА модерна“ и хрватското списание „Ирис“, а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“ од Светлана Христова-Јоциќ (2012), во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016), „Самодиви“ – панорама на поезија пишувана од жени, од преродбата до денес приредена од Славе Ѓорго Димоски и Јулијана Величковска(2023) во повеќе е-збирки и во Зборниците на Поетски слем Македонија (2021, 2022,2023,2024).

Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“ (1999), „Деца од свила“- поезија со детски цртежи (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013) , „Честичка свесност“ – хаику и хаига (2014), „Мамо што има за јадење?“- хаику готвач за свесни мажи и жени (2016), „Енсо•Поврзување со целоста“ – хаику и хаига (2017) и „Поврзи се…“ – хаиги, со фотографии од убавините на Македонија изработени од Камелија Шојлевска (2018), „Растајнување на светлината“ – хаинаку, превртено хаинаку и хаинага (2019), „Момент во денот“ енсо•хаику дневник (2020), „Скротителка на змејови“ – хаи[бун]наку и „Разбудена вода“ – хаи[бун]наку/каталог .

Македонски