Обвинение за поранешниот државен правобранител Фехми Стафа: Примил 50.000 евра за влијание врз судија во Апелацискиот суд
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против поранешниот државен правобранител Фехми Стафа за примање 50.000 евра со цел противзаконито влијание врз судија во Апелацискиот суд Скопје.
Обвинение за противзаконито влијание
По спроведена сеопфатна истражна постапка, јавен обвинител од ОЈО ГОКК до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против Стафа за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание”, предвидено и казниво согласно Кривичниот законик.
„Според обвинителниот акт, обвинетиот во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, со намера да прибави противправна имотна корист, примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание со цел да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и преку давање поткуп да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши”, соопштија од Обвинителството.
Поврзаност со случајот „Синџир”
Стафа бил уапсен на 13 декември минатата година, а при лишувањето од слобода кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.
Лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува поволен судски исход е Љупчо Пецов, познат по прекарот „Ѓаволот” — осомничен во случајот „Синџир”. Стафа, кој е адвокат на Пецов, претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор, за што била понудена и гаранција.
Обвинителството бара продолжување на притворот
Од Обвинителството додаваат дека околностите врз основа на кои на Стафа му беше определена мерката притвор останале неизменети, поради што надлежниот јавен обвинител со обвинителниот акт доставил и предлог за продолжување на притворот.