Завршена евакуацијата од Блискиот Исток: Вкупно 605 македонски државјани безбедно вратени во земјава
Со петтиот и последен чартер лет организиран од Владата, вчера во земјава се вратија уште 119 македонски граѓани од кризното подрачје на Блискиот Исток, со што е целосно завршена евакуацијата на сите државјани кои побарале враќање.
Последниот лет со 147 патници
Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со последниот лет кој вчера слета на Меѓународниот аеродром во Скопје, евакуирани се вкупно 147 патници — 119 македонски и 28 странски државјани.
605 евакуирани граѓани во пет летови
Со завршувањето на петтиот лет, вкупниот број на евакуирани македонски државјани достигна 605, со што е комплетиран процесот на враќање на сите граѓани кои се пријавиле за евакуација.
„Државата покажа навремена реакција во кризни услови, обезбедувајќи заштита на своите граѓани, но и солидарност кон странски државјани од регионот и пошироко”, соопштија од МНР.
Претходно беа организирани летови од Ријад во Саудиска Арабија и Дубаи, како и од Шарм ел-Шеик во Египет, одакде беа извлечени и шест македонски државјани од Израел.
СОС линијата останува активна
Од Министерството за надворешни работи нагласуваат дека безбедноста на граѓаните останува највисок приоритет и дека СОС телефонската линија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва, и натаму се активни и достапни за сите граѓани на кои им е потребна помош.