Изложба на документарна фотографија „Водици 2002-2026“ на Зоран Андонов во Тетово

28

Познатиот тетовски новинар и фотограф Зоран Андонов подготвува уникатен визуелен времеплов посветен на еден од најголемите христијански празници. На 18 март 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во просториите на Националната установа „Музеј на тетовскиот крај“ (поранешен Дом на АРМ) во Тетово, ќе биде отворена изложбата на документарна фотографија со наслов „Водици 2002-2026“.

Изложбата претставува заокружување на еден импресивен 24-годишен творечки циклус, во кој Андонов преку својот објектив ги документира верските обичаи, емоциите и специфичниот дух на празнувањето на Водици во тетовскиот регион. Посетителите ќе имаат можност да видат селекција на фотографии кои не само што го бележат чинот на фрлањето на светиот крст, туку претставуваат и значаен етнолошки документ за општествените промени и континуитетот на традицијата низ децениите.

Зоран Андонов е долгогодишен новинар со богато работно искуство и хроничар на тетовските збиднувања, препознатлив по својот специфичен новинарски израз и страст кон фотографијата како медиум кој ја говори вистината.

Македонски