Комеморативна седница во Собранието и меѓународна конференција за годишнината од трагедијата во „Пулс”
Собранието денеска ќе одржи комеморативна седница по повод годишнината од трагичниот настан во дискотеката „Пулс” во Кочани, во кој на 16 март 2025 година 63 лица го загубија животот, а околу 200 беа повредени. Утре, Владата ќе организира меѓународна конференција со учество на лекари од 37 земји кои помогнаа во лекувањето на настраданите.
Комеморативната седница во Собранието ќе биде одржана како чин на оддавање почит кон жртвите на најтрагичниот настан во современата историја на земјата.
На 14 март, Владата ќе биде домаќин на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа”, на која ќе присуствуваат претставници на институциите, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери.
Владината портпаролка Марија Митева информираше дека на конференцијата ќе учествуваат лекари и медицински персонал од 37 земји кои излегле во пресрет за лекување на настраданите во пожарот.
„Конференцијата има за цел да се направи сеопфатна анализа на одговорот на трагедијата – од првичната интервенција и спасување животи, до долгорочниот третман, рехабилитацијата и системските решенија за иднината”, појасни Митева.
На завршната сесија ќе бидат презентирани идните решенија и системски чекори кои ги преземаат институциите за спречување на слични трагедии.
За пожарот во дискотеката во Кочани е во тек судски процес за утврдување на одговорноста за трагедијата.