Сиљановска-Давкова: Билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример – ЕУ мора да ја превенира

16

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предупреди дека билатерализацијата на процесот на евроинтеграција нема да остане изолиран случај и дека земјите членки на ЕУ сериозно треба да работат на нејзино превенирање. На заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета, двајцата шефови на држави ги оценија билатералните односи како одлични и пријателски.

„Идентитетските прашања само го комплицираат процесот”

Претседателката Сиљановска-Давкова ја потврди цврстата определба на земјата за членство во ЕУ, истакнувајќи дека во чекорењето на Црна Гора и Албанија кон Унијата гледа европски чекори за целиот Западен Балкан.

„До членството се стигнува со реформи, особено со владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции. Тоа не е врзано само со Копенхашките критериуми, туку за нашата европеизација”, рече претседателката.

Таа предупреди дека билатерализацијата на евроинтеграцијата може да стане пракса, а не исклучок.

„Ставањето на идентитетските и историските прашања на агендата само ќе го комплицира процесот на пристапување на земјите што природно припаѓаат кон ЕУ”, нагласи Сиљановска-Давкова.

Скептична кон членство без право на глас

Околу најавите за можно членство во ЕУ без право на глас, претседателката рече дека го слушнала тоа од известувачот Томас Вајц, но дека има и меморија за слични најави за „моментуми за влез” кои не се реализирале.

„Не можам да коментирам идеи. Сегашната состојба е дека според актите на ЕУ, земјите членки имаат и статус и право на вето. По сè што направивме на тој пат, заслужуваме и нас да нè прашаат за модалитетите за прием, бидејќи вака не е сериозно”, рече таа, додавајќи дека земјата е „рекордер по уставни измени” и дека се неопходни гаранции дека нема да има нови барања надвор од Копенхашките критериуми.

Бегај: Односите да бидат пример за регионот

Албанскиот претседател Бајрам Бегај истакна дека односите меѓу двете земји треба да бидат пример во регионот, нагласувајќи ја секојдневната блискост преку студенти, бизниси, трговска размена и туристи. Коридорот 8, според него, е симбол на новата ера на соработка, но и за европската безбедност во иднина.

Охридски договор, правична застапеност и јазик

Бегај зборуваше и за улогата на Албанците во Македонија, посочувајќи на важноста од почитување на одредбите од Охридскиот рамковен договор. Тој нагласи дека Албанија ги цени историските постигнувања со Охридскиот договор и напорите за негова имплементација, но инсистираше на целосна правична застапеност и употреба на јазикот.

„Тоа не се технички прашања, туку суштински елемент на социјалната кохезија во државата”, рече Бегај.

Истовремено, тој посочи и на потребата од почитување на правата на Македонците во Албанија.

Прашањето за мигрантскиот камп во Пустец

Македонските новинари го покренаа прашањето за најавената изградба на камп за мигранти во Пустец – територија каде живее македонското малцинство во Албанија. Бегај одговори општо, повикувајќи се на добрите односи меѓу двете земји како соседи и сојузници во НАТО, без директно да се осврне на конкретниот план за мигрантскиот камп.

Македонски