Свечено отворена реконструираната сала „Работнички” во Градски парк – нов дом за најтрофејниот кошаркарски клуб

9

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свечено ја отвори целосно реконструираната спортска сала „Работнички” во Градски парк, еден од најстарите спортски објекти во државата. Обновената сала, реконструирана според стандардите на ФИБА, му враќа достоен дом на најтрофејниот македонски кошаркарски клуб.

Ревијален натпревар и спортска програма

Свеченоста беше одбележана со ревијален кошаркарски натпревар меѓу младинскиот состав на КК „Работнички” и шампионите од Лига Центар од ООУ „Кочо Рацин”. Програмата беше збогатена со настапи на хип-хоп групи и богата спортска содржина.

Признание „Феникс” за легендите на клубот

Посебен момент на свеченоста беше доделувањето на признанието „Феникс” – симболот на Општина Центар, птицата што се раѓа од пепел како знак на обнова, истрајност и нов почеток – на ветераните на КК „Работнички”: Огнен Герасимовски, Драган Радосављевиќ, Рики Ѓорчевски, Стерули Андоновски, Томе Димишковски, Миро Крстевски, Тихо Матевски и Перо Антиќ.

Герасимовски: Салата е за генерациите што доаѓаат

Градоначалникот Герасимовски нагласи дека обновата е резултат на заедничкиот труд и единство на заедницата.

„Сè што правам како градоначалник, го работам со најдобра верба и мисла за нашите центарци. Со упорност, скромност, многу енергија и љубов, создадовме уште една победа која им припаѓа на сите во Центар, без исклучок и поделби”, рече Герасимовски.

Обраќајќи им се на младите кои ги исполнија трибините, тој порача дека салата е наменета токму за нив.

„Драги ученици, новата сала е секогаш отворена за вас. За спорт, за натпревар, за другарување, за споделување вистински вредности. Во оваа сала ќе ги гледаме нашите нови шампиони, ќе ја пишуваме новата историја”, порача градоначалникот.

Реконструкција според стандардите на ФИБА

Салата е целосно реконструирана според меѓународните стандарди на ФИБА, а обновата опфаќа:

  • Целосно обновен паркет за натпреварувачка игра
  • Нова фасада и модерен надворешен изглед
  • Современо ЛЕД-осветлување
  • Енергетски ефикасен систем за греење, ладење и вентилација
  • Нови соблекувални и санитарни јазли
  • Нови столчиња на трибините

Со обновата на објектот во Градски парк, КК „Работнички” добива дом достоен за своето име и долгогодишна традиција.

Македонски