Одземени лиценци на шест компании за одгледување медицински канабис – најавени контроли кај сите 43 субјекти

11

Министерот за здравство Азир Алиу денеска соопшти дека на шест компании им се одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели, поради констатирани низа недоследности во работењето. Меѓу нив е и компанијата Алфафам, која беше поврзана со неодамнешниот случај на шверц на марихуана во Србија.

Кои компании останаа без лиценца?

Лиценците им се одземени на следните шест компании:

  • Алфафам – поврзана со шверцот на марихуана во Србија
  • Грин лајф
  • ЦБД медплант
  • Лајф плант
  • Атафарм
  • Канабидоис

Несоодветно складирање и недоследно известување

Министерот Алиу, на прес-конференција во Владата, посочи дека одлуките се засноваат на наодите од извршените контроли, при што се утврдени повеќе прекршоци: несоодветно складирање на сувиот цвет, недоследно известување до Комисијата, како и недоставена целосна документација за продажба и трансфер на производите.

Досега се спроведени контроли во 13 правни субјекти, а Алиу најави дека инспекциите ќе продолжат во сите 43 правни субјекти кои поседуваат лиценца за одгледување канабис за медицински цели.

Најава за нов закон усогласен со ЕУ директивите

Поради пропустите и можностите за злоупотреби констатирани во постоечката законска регулатива, министерот најави изработка на целосно ново законско решение, кое ќе биде донесено по завршувањето на контролите кај сите субјекти.

„Детектиравме пропусти во законот и ќе имаме ново законско решение кое нема да може да се злоупотреби. Тоа ќе го оставиме на стручните лица, но ќе имаме закон кој ќе биде во согласност со ЕУ директивите и она што недостига на терен”, рече Алиу.

Македонски