Собраниската комисија го одби предлогот на СДСМ за минимална плата од 600 евра
Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика денеска не го прифати предлогот на СДСМ за изменување на Законот за минималната плата, со кој се бараше таа да се зголеми на 36.960 денари (600 евра). Комисијата го одби и предлогот за одржување јавна расправа и обид за постигнување договор меѓу трите засегнати страни за зголемување на минималната плата.
СДСМ: Поскапувањето ја надмина динамиката на усогласувањето
Законот го образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој посочи дека предлогот претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, системски започнат во 2017 година. Предложениот износ од 36.960 денари (600 евра) требаше да важи за периодот од март 2026 до март 2027 година.
Спасовски нагласи дека во изминатите две години растат цените на основните прехранбени производи, енергенсите, комуналните услуги и здравствените трошоци, а потрошувачката кошничка бележи континуиран пораст.
„Иако постои законски механизам за усогласување на минималната плата – 50 отсто од растот на просечната плата и 50 отсто од растот на трошоците на живот – реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување. Најзасегнати се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход”, рече Спасовски.
Битиќи: Плата од 600 евра не е каприц
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, нагласи дека барањето за минимална плата од 600 евра не е каприц, туку нормална потреба во услови на постојан раст на цените. Тој побара од Владата да ги затвори системските дупки кои овозможуваат неконтролирано зголемување на цените.
АА: Минималната плата треба да ја повлече и просечната
Пратеничката Илире Даути од Алијансата за Албанците оцени дека секое зголемување на минималната плата логично треба да повлече и зголемување на просечната плата, со што би се подобрил стандардот на поширок круг вработени.
Одбиен и предлогот за јавна расправа
Покрај самиот законски предлог, Комисијата го одби и предлогот на Спасовски за одржување јавна расправа со учество на сите три засегнати страни – Владата, синдикатите и работодавачите – со цел постигнување компромис околу прашањето за висината на минималната плата.