Артан Груби доби куќен притвор – обвинителството ја продолжува постапката за Државната лотарија

9

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби доби мерка куќен притвор и му е одземен пасошот, откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје процени дека доказите за постапката во најголем дел се обезбедени, но и дека тој доброволно се пријавил и се предал на полицијата. Обвинителството посочи дека постојат индиции за загрозена лична безбедност на Груби во притворското одделение, како и безбедносни закани за неговото семејство.

Обвинителството: Доброволно се предаде, увидот во доказите продолжува

Од ОЈО Скопје соопштија дека Груби, кој е второосомничен во предметот за Државната лотарија заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните институции.

„На барање на второосомничениот преку неговата одбрана, тој во текот на денешниот ден беше спроведен пред надлежниот обвинител каде вршеше увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови, по што на второосомничениот ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана”, стои во соопштението на ОЈО.

Обвинителството посочи дека постапката ќе продолжи со цел донесување јавнообвинителска одлука.

ВМРО-ДПМНЕ: „Црната кутија” за криминалите на СДСМ и ДУИ падна

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ коментираа дека одлуката за домашен притвор е донесена од обвинителство кое ужива само два отсто доверба во јавноста, за што одговорни се, според нив, политичката опозиција и СДСМ.

„СДСМ се во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Црната кутија за криминалите на СДСМ и ДУИ падна. Прашање на време е кога ‘исплашените’ од СДСМ ќе му прават друштво на судските клупи на Артан Груби”, порачаа од партијата.

Пратеникот Антонио Милошоски додаде дека Груби е функционер кој се нашол на црната листа на САД, поради што ниедна земја не би му овозможила долготраен престој.

„Дипломатскиот притисок од една или од друга страна може да биде скап за земјата која би била домаќин на човек кој е осомничен”, истакна Милошоски.

ВЛЕН: Груби е учесник во сите матни зделки на ДУИ

Коалициониот партнер ВЛЕН оцени дека Груби е „учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ”.

„Откако катастрофално изгуби ДУИ на локалните избори и паднаа во вода сите лажни ветувања на Ахмети за предвремени избори и наводен влез во Влада, на Артан не му останува ништо друго освен да се соочи со сопствените гревови”, порачаа од ВЛЕН.

Македонски