Започнува Велигденскиот пост – седум седмици духовна и телесна подготовка за Воскресението Христово
За православните верници од денеска започнува Велигденскиот пост, најстрогата форма на постење во христијанската традиција. Постот ќе трае седум седмици и ќе заврши со празникот Воскресение Христово – Велигден, кој годинава се прославува на 12 април.
Велигденскиот пост претставува период на духовна и телесна подготовка за најголемиот христијански празник. Постот нема постојан датум во календарот, туку зависи од определениот датум на Велигден, кој е подвижен празник.
Постењето подразбира воздржување не само од мрсна храна, туку и од гревовност – двојна дисциплина на телото и на душата. За време на постот не се прават свадби, ниту е дозволено црковно венчавање.
Правила на строгиот пост
Строгиот пост предвидува постење на вода, со следните исклучоци:
- Сабота и недела: дозволено е масло и вино
- Празнични денови: масло и вино се допуштаат на празниците Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци, Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокоение на свети Методиј Солунски и на домашен празник
- Преполовение на постот и Велики четврток: дозволено е масло
- Риба: се јаде единствено на Благовец и на Цветници
Првите три дена од постот – познати како тримери (понеделник, вторник и среда) – верниците кои доброволно одлучиле можат целосно да се воздржат од храна, иако тоа не е обврска за сите.
Историјат на Велигденскиот пост
Велигденскиот пост за првпат се споменува кон крајот на II век, кога траел само три дена и сите верници постеле. Во III век се постело „во спомен на Христовите страдања”, а кон крајот на истиот век, во Сирија се споменува пост во траење од една седмица. Во средината на IV век веќе се забележува постење од 40 дена, додека во V век е оформен Велигденскиот пост во денешната форма – Велика Четириесетница.