Панчевски поднесува кривична пријава против сите членови на Советот на јавни обвинители

Дисквалификуваниот кандидат за државен јавен обвинител обвинува за злоупотреба на службена положба, тврди дека има 12 години непрекинат судиски стаж

13

Панчевски на својот профил на Фејсбук ја објави кривичната пријава, поднесена врз основа на член 272 од Законот за кривична постапка, насочена до МВР и Јавното обвинителство на Република Македонија. Пријавата ги опфаќа претседателот на Советот Башким Бесими, заменик-претседателката Марјана Илиеска и уште осум членови на ова тело, за кривично дело од член 353, став 1, во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Јадрото на спорот е толкувањето на условот за „најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право”. Според Панчевски, Советот погрешно оценил дека тој не го исполнува овој критериум, со образложение дека неговата судиска функција престанала пред 13 години и дека во меѓувреме не бил ниту судија, ниту јавен обвинител, поради што стажот не може да се смета за непрекинат.

Панчевски, пак, се повикува на потврда од Основниот кривичен суд Скопје (07. Су.бр.25/26-1 од 20.01.2026 година), според која тој бил во редовен работен однос на неопределено време во судот, на позиција судија, во периодот од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година, со вкупен непрекинат судиски стаж од 12 години, 5 месеци и 20 дена.

Тој тврди дека со ваквата одлука членовите на Советот со умисла потешко го повредиле неговото законско право предвидено во Законот за јавно обвинителство.

Панчевски дополнително посочи дека заменик-претседателката на Советот, Марјана Илиеска, требало да се изземе од гласањето поради наводен судир на интереси. Тој наведува дека Илиеска е сопруга на Орде Илиески, лице осудено за организиран криминал и даночно затајување со пресуда во која, како што тврди Панчевски, тој бил вклучен.

Според него, Илиеска како службено лице, обвинител и член на Советот, била должна да го пријави конфликтот на интереси, но овој факт го премолчела.

Повик до институциите

Панчевски ја оцени кривичната пријава како „одраз на трулиот судско-обвинителски систем” и ги повика Јавното обвинителство и МВР да отворат постапка по допрен глас.

„Ги повикувам Владата и органите на прогонот да се охрабрат и веднаш да постапат по оваа пријава за директна злоупотреба од страна на пријавените”, порача Панчевски, апелирајќи за расчистување со она што тој го нарекува „контаминирани кадри” кои, според него, носат селективна правда и го поткопуваат угледот на судскиот систем.

 

Македонски