ССМ го блокираше пристапот до Собранието: Работниците не дозволуваат пратениците да пристигнат со возила

8

Претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), предводени од претседателот Слободан Трендафилов, утрово ги блокираа пристапите до зградата на Собранието, со цел да го оневозможат пристигнувањето на пратениците на денешната закажана седница со службени и приватни возила.

На двата главни приода кон Собранието се распоредени по 21 работник, кои не дозволуваат минување на возила што ги користат пратениците. Сепак, едно возило со полициска придружба успеало да помине, по што демонстрантите се разместиле по околните улици и дозволуваат сообраќај исклучиво за возила на Итната медицинска помош, противпожарната служба и полицијата.

Полициски службеници се распоредени околу објектот на Собранието и ја следат состојбата на терен.

Обраќајќи се пред присутните, Трендафилов иронично им посака „добро утро“ на сите, освен на пратениците, обвинувајќи ги дека две години го игнорираат предлогот на синдикатите за зголемување на минималната и останатите плати.

„Добро утро на сите, освен на пратениците, затоа што веќе две години го блокираат предлогот за зголемување на работничките плати, односно минималната и сите останати плати за 6.000 денари“, изјави Трендафилов.

Тој нагласи дека, како што било и најавено, денеска со по 21 работник на двете локации се оневозможува пратениците да дојдат на работа со автомобили и да наплатат високи патни трошоци, туку да пристигнат пешки или со јавен превоз, како што тоа секојдневно го прават работниците.

Според Трендафилов, дел од пратениците пристигнале на работа уште пред 9 часот, со цел да избегнат директна средба со работниците.

„Очигледно е дека се срамат од своите гласачи, затоа што одбиваат да ги зголемат платите на работниците, а во исто време се подготвуваат за ново зголемување на сопствените примања“, изјави тој, додавајќи дека пратеничките плати би можеле да пораснат и над 12 отсто доколку Уставниот суд ја укине одредбата од претходната влада.

Трендафилов оцени дека однесувањето на народните избраници е „нечовечко“ и порача дека денешната блокада треба да биде срам за сите 120 пратеници, избрани од народот. Тој најави дека блокадата ќе трае до почетокот на собраниската седница, закажана за 11 часот.

На крајот, претседателот на ССМ им се заблагодари на полициските службеници кои, како што рече, и покрај студеното време, се на терен за да ја обезбедуваат зградата на Собранието.

Македонски