ССМ најави блокада на Собранието: Работниците бараат минимална плата од 600 евра и средба со пратениците
Со блокада на зградата на Собранието од двете страни, работниците предводени од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) утре ќе се обидат директно да ги соочат пратениците со своите барања. Блокадите се најавени да започнат во 9 часот наутро на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“, соопшти денеска преку социјалните мрежи претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Според него, протестната акција е дел од притисокот за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра, како и за линеарно зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра. Трендафилов посочи дека причина за блокадата е и, како што рече, едногодишниот молк на пратениците во однос на предлогот на ССМ за зголемување на минималната и останатите плати.
Поради најавените блокади, пратениците нема да можат да пристапат до Собранието со службени или приватни возила, туку ќе мораат пешки или со јавен превоз да дојдат на работа, минувајќи покрај собраните работници.
„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев. Преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои за некои надминуваат и 100 евра дневно. Ќе мораат да дојдат пешки или со градски превоз, како што секојдневно одат на работа работниците“, изјави Трендафилов.
Од ССМ порачуваат дека протестот има за цел директен дијалог со народните избраници и конкретни одговори за барањата што, според синдикатот, подолго време остануваат игнорирани.