Со ѕвездена церемонија вечерва се отвораат Зимските олимписки игри Милано–Кортина
Со спектакуларна церемонија на стадионот „Сан Сиро“ во Милано, вечерва во 20:00 часот свечено ќе бидат отворени Зимските олимписки игри Милано–Кортина. Станува збор за географски најдисперзираните Игри во историјата, кои ќе се одржуваат на повеќе локации низ Алпите и Доломитите.
Тричасовната церемонија ќе ја поврзе економската престолнина Милано со планинските центри Кортина д’Ампецо, Ливињо и Предацо, а централна тема ќе биде хармонијата – симболично обединување на урбаниот и планинскиот идентитет на Италија.
За првпат во историјата на Зимските олимписки игри, 2.900 спортисти нема да дефилираат сите на едно место, туку ќе парадираат во олимписките центри најблиску до местата каде што ќе се натпреваруваат, со цел да се намали потребата од патување.
„Без одвлекување на вниманието“
Креативниот директор на церемонијата, Марко Балич, кој ја режираше и церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри во Торино во 2006 година, најави дека настанот ќе биде посветен на италијанскиот дизајн, мода и современ идентитет.
„Ќе ја раскажеме приказната за млада, модерна Италија која гледа кон иднината, без носталгија по ‘Сладкиот живот’“, изјави Балич, најавувајќи и посебна почит кон легендарниот дизајнер Џорџо Армани, кој почина минатата година.
На церемонијата ќе настапат светски ѕвезди, меѓу кои американската пејачка Мараја Кери, италијанскиот тенор Андреа Бочели и кинескиот пијанист Ланг Ланг.
Високи гости и дипломатски пораки
Свеченото отворање ќе го следат бројни светски лидери и високи функционери, меѓу кои потпретседателот на САД Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио. Венс веќе оствари средба со претседателката на Меѓународниот олимписки комитет, Кирсти Ковентри, која ги надгледува своите први Олимписки игри по изборот во март годинава.
Ковентри изрази надеж дека сите политички и безбедносни контроверзии ќе бидат тргнати настрана за време на Игрите, кои ќе траат од 6 до 22 февруари, откако во Италија се појавија реакции за наводната советничка улога на американската имиграциска агенција ICE – тврдења кои Рим ги демантираше.
Во тој контекст, американската олимписка шампионка во сноуборд Клое Ким индиректно се осврна на имиграциските политики на администрацијата на Доналд Трамп, нагласувајќи дека САД се најсилни кога прифаќаат „различност, достоинство и надеж“.
Тајната околу олимпискиот пламен
Олимпискиот пламен пристигна во Милано во четврток, а организаторите до последен момент се обидоа да го задржат во тајност идентитетот на последните носители на факелот. Според најавите, пламенот истовремено ќе ги запалат два олимписки котли инспирирани од Леонардо да Винчи – едниот кај Сводот на мирот во Милано, а другиот на Пјаца Дибона во Кортина.
Како што објавија италијанските медиуми, честа ќе им припадне на легендарните алпски скијачи Алберто Томба и Дебора Компањони.