Прекината блокадата на граничните премини: „Макам-транс“ го стопира протестот од вечерва

14

Асоцијацијата „Макам-транс“ соопшти дека од вечерва, 29 јануари 2026 година, со почеток од 20:00 часот, се прекинува протестот и блокадата на граничните премини за влез и излез од државата.

Од асоцијацијата изразија благодарност до сите кои во изминатите денови ја поддржаа блокадата, нагласувајќи дека заедништвото и солидарноста на професионалните возачи, како и поддршката од јавноста, донеле конкретни резултати.

Како што информираат, според официјално известување од министерот за транспорт Александар Николоски, Европската комисија донела одлука да изработи нова визна стратегија. Со оваа стратегија се очекува да се надмине проблемот со правилото за престој „90 дена во период од 180 дена“, кое досега претставуваше сериозен предизвик за професионалните возачи.

Со оглед на добиената потврда за најавените промени, „Макам-транс“ одлучи да го прекине протестот и блокадата на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.

Од асоцијацијата упатија и посебна благодарност до медиумите и информативните портали кои, како што велат, помогнале нивната борба да стане видлива и на европско ниво, порачувајќи дека заедништвото останува клучно и во понатамошната борба за заштита на правата на професионалните возачи.

Македонски