Гаши: За укинувањето на техничката влада потребен е договор, а не инает
За укинувањето на техничката влада најдобро е сите политички чинители да постигнат договор, но доколку тврдоглаво се инсистира на одреден став, тој мора да биде аргументиран, изјави денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Според него, дури и доколку СДСМ остане на позицијата дека не ја поддржува измената на Законот за Влада, таа сепак може да биде донесена и постапката би била законска.
„Ако се случи укинувањето на техничката влада, легално ќе биде во ред, но дали ќе биде политички коректно – тоа е друго прашање“, рече Гаши.
Неговата изјава следува по информациите дека министерот за јавна администрација, Горан Минчев, би можел уште оваа недела да достави до пратениците предлог-измени на Законот за Влада. Со нив, како што се најавува, би се прецизирало во кои ресори опозицијата ќе има дополнителни заменик-министри, а техничката влада би важела само уште за наредните парламентарни избори.
„Законот не забранува ваква промена да се прави со закон. Но, сметам дека е подобро за тоа заеднички да се договориме. Ако некој сака инаетчиски и тврдоглаво да застане зад еден став, тогаш тоа мора да го поткрепи со аргументи“, истакна Гаши.
Во однос на измените на Изборниот законик, Гаши информираше дека испратил барање до политичките партии да номинираат свои претставници во работната група што ќе работи на тие прашања, но не можеше да прецизира дали ќе се подготвува целосно нов закон или ќе се менуваат само одредени одредби.