Посебен режим на сообраќај во Скопје поради протест на ССМ
Денеска (28 јануари 2026 година), со почеток во 17:00 часот, во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ќе се одржи протест во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Поворката ќе започне од пред зградата на ССМ на улицата „Мирче Ацев“, а ќе продолжи лево по улицата „Филип 2-ри Македонски“, десно по „11-ти Октомври“, право по „Димитрие Чуповски“, десно по „Васил Главинов“, право по булеварот „ВМРО“, лево по булеварот „Илинден“ и ќе заврши пред зградата на Владата.
Поради движењето на учесниците, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе воведе посебен режим на сообраќај на наведените сообраќајници во централното градско подрачје.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите и насоките на полициските службеници, како и да ја прилагодат својата маршрута и движење со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.