Државниот завод за ревизија со сериозни забелешки за работењето на Општина Охрид за 2024 година
Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеноста на работењето на Општина Охрид за 2024 година, при што се констатирани низа неправилности и неусогласености со законската регулатива.
Поради утврдените состојби, ревизорите изразија мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, како и неповолно мислење за усогласеноста со законите, подзаконските акти и воспоставените политики за сметките на основниот буџет (630 и 637).
Неевидентирани побарувања и ненаплатени приходи
Ревизијата утврди дека Општина Охрид не искажала побарувања по основ на надоместок за одржување на јавна чистота, иако ЈП „Охридски Комуналец“ со години не ги уплаќа овие средства во општинскиот буџет. Само за 2024 година, претпријатието прикажало обврски од 22,8 милиони денари, додека општината има поднесено тужби за периодот 2021–2023 година во износ од 53,8 милиони денари.
Исто така, не се евидентирани побарувања за комунална такса за користење простор за паркирање, иако ЈП „Билјанини извори“ има обврски во износ од 3,9 милиони денари кои со години не се уплатени.
Неправилни отписи и слаба даночна дисциплина
Без одлука на Советот на општината извршен е отпис на побарувања во вкупен износ од над 5,3 милиони денари, дел од нив без соодветна документација. Ревизорите утврдиле и дека даночните обврзници кои стекнале нов или дополнителен имот не се задолжени со данок на имот, а за ненаплатениот данок не се пресметува законска камата.
Урбанистички хаос и бесправна градба
Ревизијата укажува дека за 11 населени места не се донесени урбанистички планови, а во дел од нив се изведувале градби без одобренија и без платен надоместок за уредување на градежно земјиште. Во постапките за легализација на бесправни објекти не се почитуваат законските рокови, а не се следи ниту наплатата на надоместоците.
Иако се донесени 4.847 решенија за одбивање на легализација на бесправни објекти, не се преземени мерки за нивно отстранување, и покрај тоа што се издадени 456 правосилни управни акти за нелегални градби во периодот 2019–2024 година. Со ова, според ревизијата, не се почитуваат обврските од Планот за заштита на културното наследство, особено во подрачјето на Националниот парк „Галичица“.
Крајбрежје, урбана опрема и угостителство
Не е донесен урбанистички план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро, а Годишната програма за поставување урбана опрема за 2024 година е усвоена без согласност од Управата за заштита на културното наследство. Во текот на годината, 23 угостителски објекти користеле јавни површини без одобрение и без платена комунална такса, а поставената урбана опрема, според ревизијата, не е лесно монтажна и ја нарушува безбедноста на сообраќајот.
Капитални инвестиции и јавни средства
За голем број капитални вложувања, како водоводна и канализациска мрежа, патишта и други инфраструктурни проекти, не е обезбедено одобрение за градење, ниту е изготвена соодветна проектна документација. Само по овој основ во 2024 година се исплатени над 49,4 милиони денари.
Дополнително, субвенции за јавни претпријатија во износ од 36,5 милиони денари се исплатени без одлука на Советот и без донесена програма за субвенционирање, а средствата се користеле за тековни трошоци и инвестиции без целосна документација.
Култура, спорт и финансиска евиденција
Ревизијата утврди дека средствата за култура се распределувале без јавен повик и без утврдени критериуми, додека 59 проценти од средствата за спорт – во износ од 37,4 милиони денари – биле доделени на клубови кои воопшто не аплицирале.
Општината, исто така, нема воспоставено целосна материјална и сметководствена евиденција, обврските не се евидентираат навремено, а пописот на средствата и обврските не е извршен согласно законските прописи.
Препораки
За надминување на утврдените слабости, Државниот завод за ревизија дал низа препораки со цел преземање конкретни мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорните лица во Општина Охрид.