Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ) излезе со ново јавно соопштение во врска со случајот со првата обоистка на Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ), Татијана Петрушевска, која беше времено суспендирана по конфликт со диригентот Едуард Амбарцумјан за време на пробите на делото „Мадам Бовари“.
Од СКРМ информираат дека внимателно ги следеле сите јавни настапи поврзани со случајот, вклучително и прес-конференциите на Петрушевска и директорот на НОБ, Оливер Арсовски, како и реакциите на уметниците од оркестарот. Бидејќи синдикатот бил директно споменат во јавноста, од СКРМ сметаат дека имаат институционална и морална обврска јасно да го појаснат своето постапување.
Синдикатот наведува дека правната помош не била понудена по сопствена иницијатива, туку била побарана директно од Петрушевска, по што нивниот правен тим утврдил сериозни прекршувања на Законот за работни односи, Законот за култура и колективните договори. Документите што СКРМ ги објавил, како што посочуваат, се дел од активна постапка и не се произволно извадени од контекст.
Во соопштението се критикува и постапувањето на синдикалната организација при Оркестарот на МОБ, чие јавно соопштение, според СКРМ, требало најпрво да биде доставено до централниот синдикат, а не објавено преку официјалната страница на НОБ, со содржина што, како што тврдат, создава погрешен впечаток за нивната работа.
СКРМ нагласува дека сите нивни јавни ставови се донесуваат колективно, со согласност на Советот на синдикатот, во кој членуваат и претставници од Оркестарот на МОБ, и дека не постои обврска за поединечни консултации со секој член пред секоја јавна реакција.
Синдикатот потенцира дека не ја оценува суштината на дисциплинската постапка, туку инсистира таа да се води исклучиво во согласност со законите и принципите на правна сигурност. Според нив, јавно изнесените ставови на директорот на НОБ се контрадикторни, бидејќи суспензија со забрана за влез во институцијата и намалување на платата од 50 проценти, не може да се третира како мерка што „не е казна“.
Посебно загрижувачки, според СКРМ, е јавното мешање на директорот во синдикалното организирање, преку коментирање на можни оставки на синдикални претставници, што го оценуваат како нарушување на синдикалната автономија и меѓународните трудови стандарди.
СКРМ очекува Министерството за култура, како надлежен орган, активно да се вклучи и да обезбеди почитување на законите, колективните договори и синдикалните права, оценувајќи дека институционалната рамнодушност во вакви случаи значи фактичко заземање страна.
На крајот, синдикатот порачува дека нема да молчи пред, како што велат, самоволие и кршење на законите и дека ќе продолжи решително да ги брани работничките и синдикалните права, со цел да се постигне законски и правичен исход во интерес на уметниците, институцијата и јавноста.