Посебен режим на сообраќај во Скопје на 19 јануари: Затворени улици во Центар, Ѓорче Петров и Аеродром
Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје информира дека во понеделник, 19 јануари, ќе биде воведен посебен режим на сообраќај на повеќе сообраќајници во главниот град.
Во централното градско подрачје целосно ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“, на делницата од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосницата со улицата „11 Октомври“, и тоа во двете насоки.
Посебни сообраќајни ограничувања ќе има и во општина Ѓорче Петров. За сообраќај ќе бидат затворени: делницата од црквата „Свети Петар и Павле“ по булеварот „Партизански одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, потоа улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“, како и трасата од црквата „Свети Пантелејмон“ по улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до железничкиот мост на реката Вардар.
Во општина Аеродром, пак, ќе биде затворен за сообраќај локалниот пат што води кон населбите Горно и Долно Лисиче.
Од СВР Скопје апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат насоките и наредбите на униформираните полициски службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.