ИЈЗ со препораки за празниците: внимавајте на исхраната, алкохолот и пиротехниката
Новогодишните празници носат промени во секојдневниот ритам и често доведуваат до нарушување на вообичаениот распоред на исхрана, предупредува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Според нив, доцните и обилни празнични оброци, зголемениот внес на алкохол и употребата на пиротехнички средства можат да имаат сериозни последици по здравјето и безбедноста.
Од ИЈЗ појаснуваат дека во вечерните и ноќните часови се намалува метаболичката активност, што го зголемува ризикот од нарушена регулација на шеќерот во крвта, складирање на масти, проблеми со сонот и дигестивни тегоби. Долгорочно, ваквите навики се поврзуваат со дебелина, кардиоваскуларни заболувања и дијабетес тип 2.
Препораки за исхрана за време на празниците
-
Последниот поголем оброк да биде најмалку 3–4 часа пред легнување.
-
Доколку вечерата е доцна, да се избира храна со пониска енергетска вредност.
-
Да се избегнува масна, пржена и силно зачинета храна.
-
Да се внимава на големината на порциите и да не се комбинираат повеќе калорични јадења.
-
По оброкот да не се легнува веднаш, туку да се направи кратка прошетка.
-
Меѓу празничните денови да се одржува редовен распоред на оброци.
-
Лицата со хронични заболувања да бидат особено внимателни.
Алкохол – умереност и одговорност
ИЈЗ апелира на умерена консумација на алкохол и избегнување прекумерно и брзо пиење.
-
Никогаш не управувајте возило под дејство на алкохол.
-
Комбинирајте алкохол со храна и редовно пијте вода.
-
Внимавајте на интеракции со лекови.
-
Бремените жени, малолетниците и лицата со хронични болести да не консумираат алкохол.
-
При симптоми на алкохолна интоксикација, веднаш да се побара медицинска помош.
Апел за пиротехниката
Институтот предупредува дека петардите и пиротехничките средства претставуваат сериозен ризик:
-
Да не се користат од деца и малолетници.
-
Никогаш да не се ракува со пиротехника под дејство на алкохол.
-
Да не се активира повторно неексплодирано средство.
-
Да се има предвид влијанието на бучавата врз децата, постарите лица и домашните миленици.
-
При повреди или пожар, веднаш да се повикаат надлежните служби.
Од Институтот за јавно здравје им посакуваат на граѓаните среќна, мирна и здрава Нова 2026 година, со апел празниците да се поминат одговорно и со грижа за здравјето.