Притисокот расте, а граѓаните повеќе нема да останат неми – протест против загадувањето на воздухот во Скопје

80

Вечерва во 18:00 часот беше реализиран најавениот протест на незавсината граѓанска иницијатива „Стоп за Усје“ кој собра неколку стотици граѓани притоа блокирајќи ја раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје.

Граѓаните велат дека протестот е одговор на, како што нагласуваат, долгогодишното жртвување на јавното здравје во корист на профитните интереси. Иницијативата „Стоп за Усје“ посочува дека блокадата е мирен, но решителен протест против, како што велат, континуираното загадување и труење на жителите на градот.

Според нив, институциите со години го толерираат проблемот, иако тој директно влијае врз здравјето на граѓаните, наместо навремено да обезбедат соодветна заштита и ефикасни мерки.

На протестот можеа да се видат и советници од советничката група на СДСМ од советот на град Скопје како и советници од советничката група на СДСМ и ВМРО-НП од советот на Општина Аеродром.

Загадувањето не е од вчера, ова прашање ги мачи скопјани над половина век. Проблемот е во тоа што на повидок нема конкретни мерки со кои што би почнало да се решава ова суштинско прашање.

рече советникот од ВМРО-Народна партија, Даниел Самарџиски.

Насобраните граѓани како и членовите на иницијативата порачаа дека протестите ќе продолжат и ќе се радикализираат по завршувањето на празниците, сè додека не се обезбеди чист воздух и заштита на јавното здравје.

Македонски