Од 1 јануари „Дајмонд мол“ ќе почне да наплаќа паркинг
Посетителите на „Дајмонд мол“ од 1 јануари повеќе нема да можат бесплатно да паркираат во подземната гаража на трговскиот центар во центарот на Скопје. Новиот советнички состав на Град Скопје и даде дозвола на компанијата „Лимак“ да започне со наплата за паркирање.
Според новиот ценовник, за првите два часа паркирање ќе се плаќа по 50 денари, а за секој нареден час по 60 денари.
Одлуката беше усвоена на последната седница на Советот на Град Скопје, со мнозинство составено од советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а беше поддржана и од советничката група на СДСМ. Со ова, по повеќе од две години одбивање, „Лимак“ конечно доби дозвола за вршење дејност паркирање во рамки на трговскиот центар.
Од „Дајмонд мол“ информираа дека „преноќено“ паркирање ќе чини 1.500 денари, а иста сума ќе се наплатува и за непрописно паркирање, како и во случај на изгубен или оштетен паркинг-билет.
Бесплатно паркирање ќе биде овозможено само со приложување фискална сметка во износ над 400 денари, издадена од „Веро маркет“, „Dream zone“ или автопералната. Од „Дајмонд мол“ не појаснија дали сметки од рестораните и другите продавници ќе важат за бесплатен паркинг.
Компанијата „Лимак“ подолг период се обидуваше да добие дозвола за наплата на паркирање, а во еден краток период наплатуваше и без одобрение, по што интервенираа градските инспекциски служби. Во изминатиот период, иако формално беа поставени паркомати, тие не беа во функција, а паркирањето во пракса беше бесплатно.