Заврши судењето за сообраќајната несреќа во која загина Југослав Николовски, пресуда на 29 декември
Со дополнување на доказната постапка и завршни зборови на обвинителството и одбраната, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје заврши судењето против 25-годишниот Фатон Љури од Скопје, обвинет дека на 1 јули годинава, управувајќи мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола по пешачката патека на кејот на Вардар, го прегазил 68-годишниот Југослав Николовски и го напуштил местото на несреќата.
Пресудата ќе биде објавена на 29 декември.
Дополнителни докази од одбраната
На денешното рочиште одбраната достави дополнителни докази – медицинска документација, лабораториски анализи и радиолошки извештаи од 12 декември 2025 година, обезбедени од Затвор Скопје, со дозвола на судот.
Адвокатот на обвинетиот, Гоце Ристески, истакна дека документацијата е релевантна за здравствената состојба на неговиот клиент.
Обвинителката Маја Џабирева Велков оцени дека доказите не се спорни.
„Ги разгледав доказите и сметам дека се неспорни и за обвинителството и за судот, бидејќи на рочиштето од 12 декември обвинетиот не се чувствуваше добро, а оваа документација произлегува токму од тој ден“, изјави таа.
Обвинителството бара затворска казна
Во завршниот збор, обвинителката оцени дека станува збор за тешко кривично дело со висок степен на вина и општествена опасност, и побара обвинетиот да биде казнет согласно законот.
Таа нагласи дека казната треба да обезбеди правична сатисфакција за загубениот човечки живот, да делува превентивно и да испрати порака до сите учесници во сообраќајот.
„Сведоци сме на секојдневни сообраќајни незгоди со смртни последици, особено во главниот град. Казнената политика мора да придонесе кон создавање чувство на безбедност и повисоки стандарди на лична одговорност“, рече Џабирева Велков.
Таа се осврна и на тешките последици што ги трпи семејството на починатиот, посочувајќи дека сопругата и двете ќерки и натаму се соочуваат со длабока тага и траума. Посебно ја истакна и болката на една од ќерките, која по несреќата го загубила своето бебе во третиот месец од бременоста.
Одбраната побара да се земат предвид олеснителните околности
Адвокатот Ристески, во завршниот збор, побара судот да ги земе предвид олеснителните околности поврзани со личните и семејните прилики на обвинетиот.
Тој наведе дека обвинетиот живее во вонбрачна заедница повеќе од три години и дека неговата партнерка во мај годинава во сообраќајна несреќа го загубила својот брат.
„По таа трагедија, обвинетиот завршува во притвор поради овој настан, што имало тешки последици врз психичката состојба на неговата партнерка, која поради тоа завршила на Клиниката за токсикологија, без трајни последици“, рече Ристески.
Тој се повика и на психијатриско вештачење од 10 декември 2025 година, кое, според него, потврдува сериозно нарушување на секојдневното функционирање на партнерката на обвинетиот.
Ристески додаде дека обвинетиот ја признал вината, изразил искрено жалење и дека според судската пракса за вакви дела се изрекуваат казни од три и пол до пет години затвор.
За што се товари обвинетиот
Обвинителството го товари Фатон Љури за:
-
тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот,
-
неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Според обвинението, тој управувал мотор без возачка дозвола, по пешачка патека, со брзина од околу 35 километри на час, што се смета за небезбедно и недозволено за простор наменет исклучиво за пешаци, по што го напуштил местото на несреќата.