Сомнителна смрт во Москва: Пронајден мртов претставникот на „Југоимпорт СДПР“ во Русија

11

Радомир Куртиќ, претставникот на српската државна компанија за оружје „Југоимпорт СДПР“ во Руската Федерација, е пронајден мртов во Москва, а околностите околу неговата смрт се водат како сомнителни, објави белградскиот весник „Блиц“.

Според информациите, Куртиќ починал на 17 ноември, а неговото тело било пронајдено на улица во Москва. И покрај изминатиот период, руските надлежни служби сè уште не ги доставиле форензичките извештаи до српските институции.

Како што наведува „Блиц“, српските безбедносни служби изготвиле извештај за случајот и го доставиле до претседателот Александар Вучиќ. Во него се истакнува дека Србија, и покрај официјалните очекувања, до денес не добила релевантна документација од руските власти во врска со причините за смртта.

Куртиќ бил во втор мандат како претставник на „Југоимпорт СДПР“ во Москва. Дополнителен сомнеж во случајот предизвикува и фактот што внатрешна комисија на компанијата, при посета на канцелариите во Москва, утврдила дека недостигаат поголем број службени документи и хард дискови.

Според весникот, руските истражни органи досега не споделиле официјални информации за случајот ниту со Амбасадата на Србија во Москва, ниту со претставништвото на „Југоимпорт СДПР“.

Случајот останува нерасветлен, а српските власти сè уште чекаат официјални податоци од руската страна за околностите под кои настапила смртта.

Македонски