Рекордни редици пред гласачките места во Србија — власта или студентите ќе „профитираат“ од масовната излезност?
Околу 6,45 милиони српски гласачи денеска избираат нов состав на Народното собрание меѓу 18 изборни листи, а утринските редици од стотици граѓани пред отворањето на избирачките места сигнализираат невиден интерес во услови на длабоки политички поделби.
Парламентарните избори во Србија започнаа утрово во 7:00 часот, но пред повеќе избирачки места во Белград и Нови Сад уште пред отворањето се формираа редици од по 100 до 200 луѓе. Сликите од терен укажуваат на исклучително висока мобилизација на граѓаните, а редиците продолжија да растат и по почетокот на гласањето.
„Гласам веќе триесет години и никогаш немам видено вакво нешто — толку многу луѓе да дојдат пред отворањето на гласачките места за да застанат во ред. Засега сè тече мирно и се надевам дека така ќе остане и во текот на остатокот од денот”, изјави жител на Нови Сад за српските медиуми.
Избирачките места ќе бидат отворени до 20:00 часот, а официјални податоци за вкупната излезност сè уште нема.
Двојна трка: СНС наспроти „Студентите победуваат”
Изборната трка се сведе на директен судир меѓу владејачката Српска напредна странка (СНС), која настапува под листата „Обединета Србија”, и листата „Студентите победуваат”, формирана по повеќемесечните масовни протести предизвикани од трагедијата во Нови Сад, во која животот го загубија 16 лица.
Кому му одговара високата излезност?
Студентската листа ги охрабруваше граѓаните да гласаат што порано, со аргументот дека утринските редици ќе ги мотивираат и неодлучните. Од друга страна, претседателот Александар Вучиќ на 19 октомври изјави дека високата излезност оди во прилог на СНС.
„Сакам што повеќе од вас да излезете. За секој процентен поен над 63 отсто, добиваме значително поголем број луѓе кои гласаат за нас во споредба со нив”, рече Вучиќ.
Сепак, Душан Вучиќевиќ, вонреден професор на Факултетот за политички науки во Белград, смета дека оваа пресметка е математички нелогична.
„Ако можат да сметаат на, на пример, 1,6 или 1,7 милиони гласачи, тогаш логично, помалата излезност повеќе им оди во прилог”, објаснува Вучиќевиќ за РСЕ.
Според неговата проценка, поголема излезност би била поповолна за листата „Студентите победуваат”, особено доколку на гласање излезат граѓани кои во минатото не гласале редовно.
Младите — клучен фактор
Посебно внимание е насочено кон младите гласачи, традиционално меѓу најнеактивните на изборите. Според истражувањето на Кровната организација на младите на Србија (КОМС), дури 89 отсто од анкетираните на возраст од 15 до 30 години изјавиле дека имаат намера да гласаат.
„Сега очекуваме масовна излезност кај младите. Промената во оваа возрасна група ќе биде главниот двигател за зголемување на излезноста”, изјави Вучиќевиќ за РСЕ.
Колкава излезност е реална?
Експертите предупредуваат дека избирачкиот список не е доволно ажуриран. Иако формално се регистрирани околу 6,45 милиони гласачи, Вучиќевиќ проценува дека само околу 5,1 милион граѓани со право на глас всушност живеат во Србија.
Според неговите проекции, денеска на гласање би можеле да излезат најмногу 4,3 милиони граѓани, што би значело официјална излезност од приближно 65 до 67 отсто — значително повеќе од 58-те отсто забележани на претходните парламентарни избори во 2023 година.
Нерегуларности и надзор
РСЕ укажува и на долгогодишните проблеми со избирачкиот список. Според претходни истражувања на овој медиум, повеќе од половина милион гласачи се регистрирани на адреси без конкретни имиња на улици или куќни броеви.
Вучиќевиќ предупредува дека високата излезност сама по себе не ги спречува потенцијалните нерегуларности и дека клучен е надзорот врз изборниот процес. Според претставниците на студентската листа, денешните избори ги следат околу 60.000 нивни набљудувачи, како во Србија, така и во странство.