Димитриевски: Во ЗНАМ нема афери, секој функционер е менлив, а на СДСМ може да им се случи и „ЗНАМ 3.0“

4

Довербата кај граѓаните се гради со работа и конкретни резултати, а се потврдува со постојана отчетност и преземање одговорност. На овие принципи Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го темели своето дејствување, порача претседателот на партијата, Максим Димитриевски, на настанот во Скопје посветен на отчетот на избраните и именуваните функционери од редовите на ова движење.

„Функционерите се менливи, власта е кај граѓаните“

Димитриевски истакна дека ЗНАМ нема намера да биде реприза на старите политички модели што граѓаните со децении ги гледаат на македонската сцена. Тој испрати јасна порака до своите сопартијци дека никој не е незаменлив на позицијата.

„Секој еден функционер од ЗНАМ, почнувајќи од сите вас овде во салата, па сè до мене – секој еден е менлив. Граѓаните се тие кои ја даваат и кои ја одземаат власта. ЗНАМ не смее и нема да биде копија на она што веќе е видено во Македонија“, нагласи Димитриевски.

Одговор на обвинувањата од СДСМ: Во ЗНАМ афери нема

Осврнувајќи се на серијата обвинувања од опозициската СДСМ за наводни партиски конструкции и обиди за создавање внатрешни фракции, Димитриевски упати директна и остра порака до Бихаќка.

„Се јавиле со тврдења за ЗНАМ 1.0, па сега за некаков проект ЗНАМ 2.0 и обвинуваат за наводни афери. Во ЗНАМ афери нема. Нас нè красат чесност, отчетност, одговорност и транспарентност. Токму по тоа сме различни од сите нив. Им порачувам да внимаваат во своите калкулации, за на крајот да не им се појави и ЗНАМ 3.0“, изјави лидерот на движењето.

Тој додаде дека целта на партијата е долгорочна – ЗНАМ да се етаблира како водечка политичка сила која во иднина со силен легитимитет ќе преземе одговорност за водење на државата.

Презентацијата на отчетите на функционерите на ЗНАМ за сработеното во изминатиот двегодишен период ќе продолжи со јавни настани во повеќе градови низ државата до крајот на оваа година, како дел од партиската практика за транспарентност пред јавноста.