СДСМ: Платформата „ЗНАМ 2.0“ е проект на Мицкоски „тежок“ 1,6 милиони евра – подготвени сме за судско соочување

7

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) упати нови остри обвинувања кон новоформираната опозициска иницијатива, која партијата ја нарекува „ЗНАМ 2.0“, тврдејќи дека таа претставува политички проект директно финансиран и диригиран од премиерот Христијан Мицкоски со буџет од 1,6 милиони евра.

Обвинувања за тендерски врски и фалсификати

Од партијата реагираат на изјавите на Никола Ќуркчиев, кој ги отфрли претходно објавените документи како монтажа. СДСМ тврди дека материјалите се автентични, јавно достапни и се составен дел од официјална тендерска документација.

„Откако јавноста виде на кој начин се финансира оваа платформа, нема бегање од вистината. Документите се легитимни, па затоа со нетрпение ги очекуваме најавените тужби за да се соочиме на суд и јавно да ги презентираме сите останати докази со кои располагаме“, стои во партиското соопштение.

Поврзаност со Максим Димитриевски

Како дел од новите наводи, од СДСМ објавија документ за кој тврдат дека ја докажува директната соработка меѓу лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, и Ќуркчиев. Според опозицијата, станува збор за интегрирана еколошка дозвола потпишана од Димитриевски за потребите на приватна компанија со која соработува и која ја претставува Ќуркчиев.

„Таму потпишува „ЗНАМ 1.0“, за на друго место да потпишува „ЗНАМ 2.0“. Исто како што и Стоилковиќ ни се закануваше со тужби, па сега го нема откако најавивме документи за неговото дејствување, така ќе биде и со овој случај“, наведуваат од Бихаќка.

„СДСМ не е на продажба“

Од опозициската партија порачуваат дека нема да дозволат внатрешно разнебитување или дејствување по диктат на владејачкото мнозинство.

„За вас СДСМ можеби вреди 1,6 милиони евра, но СДСМ не е на продажба и нема да игра по нотите на власта. За обидите за разнебитување и за сите сомнежи за криминал, одговорност ќе има и пред граѓаните на избори, но и пред независното судство и обвинителство“, заклучуваат од СДСМ.