Битка со огнената стихија во Кавадарци: Продолжува гаснењето на депонијата „Мелци“, Јанчев се сомнева на подметнат пожар

1

Екипите на противпожарната единица и комуналните служби и денеска водат интензивна битка за целосно локализирање и ликвидирање на пожарот што избувна на градската депонија „Мелци“ во Кавадарци. Како што информираше градоначалникот Митко Јанчев, интервенцијата на терен нема да запре сè додека не биде изгаснат и последниот жар и целосно елиминирана опасноста од повторно разгорување.

Сериозни сомнежи за намерно палење

Градоначалникот Јанчев јавно посочи дека според начинот на кој избувнал пожарот и првичните сознанија од теренот, постојат силни индиции дека огнот бил намерно подметнат. Тој упати апел до полицијата и обвинителството за итна и темелна истрага.

„Оние кои свесно и намерно го загрозуваат здравјето, воздухот и безбедноста на жителите на Кавадарци, мора да бидат идентификувани и да понесат најстрога законска одговорност“, порача Јанчев.

Вонредна седница на Кризниот штаб и помош од приватниот сектор

Поради сериозноста на состојбата, синоќа беше одржана итна седница на Општинскиот кризен штаб со која раководеше градоначалникот. На состанокот, покрај претставниците на Советот на Општината, ОВР Кавадарци, ТППЕ Кавадарци, ЈП „Комуналец“ и службата „Мој општинар“, учествуваа и претставници на локалниот бизнис сектор.

На седницата беше договорен засилен план за дејствување на терен, при што повеќе општествено одговорни компании од Кавадарци веќе се вклучија во гаснењето со сопствена тешка градежна механизација и камиони со земја за затрупување на жариштата.

Целата операција се одвива под координација на ТППЕ Кавадарци и ЈП „Комуналец“, додека Кризниот штаб продолжува деноноќно да ја следи ситуацијата сè до целосна нормализација на состојбата на депонијата.