Владата на Маѓар отвори истрага за милијардата дадена на Мицкоски

8

Новата унгарска влада предводена од Петер Маѓар започнува сеопфатна истрага за четири сомнителни зделки на кабинетот на Виктор Орбан, меѓу кои централно место зазема кредитот од една милијарда евра доделен на македонската влада на Христијан Мицкоски. Унгарските власти се сомневаат дека со овој заем е нанесена директна економска штета на унгарскиот буџет за сметка на политички сојузи.

Премиерот Маѓар на денешната прес-конференција го нарече овој кредит „лоша зделка“ и потенцираше дека истиот бил одобрен под услови кои се нелогични од пазарен аспект, со оглед на тоа што Унгарија во тој период се задолжувала по многу повисоки каматни стапки од оние што и ги понудила на Македонија.

Загуба од 250 милиони евра поради „пријателската“ камата

Според пресметките на новата унгарска администрација, разликата помеѓу пазарната каматна стапка и онаа субвенционираната од 3,25%, која ја доби Македонија, ќе го чини унгарскиот буџет повеќе од 90 милијарди форинти (околу 250 милиони евра) само во каматни плаќања.

„Заемот за македонската влада е многу поповолен од каматната стапка по која унгарските компании и граѓани добиваат кредити, но и од стапката по која самата унгарска држава се задолжува на пазарот“, нагласи Маѓар, додавајќи дека целиот ризик паднал на грбот на унгарските даночни обврзници, иако „Ексимбанк“ ја класифицирала Македонија како земја со „значаен ризик“.

Празен трезор за ветените дополнителни 500 милиони евра

Петер Маѓар ги потврди шпекулациите дека Орбан ветил уште една транша од 500 милиони евра за владата на Мицкоски во јануари годинава. Сепак, трансакцијата не се реализирала бидејќи во унгарската државна каса веќе немало слободни средства, а приоритет биле претстојните избори. Ова објаснува зошто македонските власти наеднаш престанаа да го споменуваат овој дополнителен заем на почетокот на годината.

Тајни договори и политички сојузи

Унгарскиот премиер ја отвори дилемата дали овие средства биле наменети за реална помош или за консолидација на моќта на надворешниот политички сојузник на Орбан. Тој се сомнева дека преку вакви нетранспарентни договори се позиционираат „пријателски компании“, додека унгарските бизниси остануваат во втор план.

„Под владата на Тиса, злоупотребата на јавни средства и политички заснованите бенефиции нема да останат без последици“, дециден е Маѓар.

Министерството за економија и енергија на Унгарија веќе поднесе официјални жалби, а истражните органи и судството ќе треба да утврдат дали во овие трансакции – кои освен Македонија, ги опфаќаат и Египет, Замбија и ДР Конго – биле извршени кривични дела. Во сите овие зделки, клучна улога имал поранешниот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.

Вкупната вредност на четирите сомнителни случаи кои се под лупа изнесува близу три милијарди евра.

Македонски