МРЕЖАТА ОРБАН–МИЦКОСКИ ПОД ЛУПА: Од „кинескиот“ кредит до контролата врз медиумите и тендерот за автобуси

6

Отворањето на истрагата од страна на новиот унгарски премиер Петер Маѓар за кредитот од една милијарда евра одобрен за Македонија, започна лавина од прашања за пошироката бизнис-политичка соработка меѓу кругот на Виктор Орбан и владата на Христијан Мицкоски. Овој процес, кој меѓународните извештаи го квалификуваа како „сомнителен заем од кинески пари“, се чини дека е само врвот на ледениот брег, се вели во соопштението на СДСМ.

Додека во Будимпешта се вршат финансиски проверки, во Македонија се наѕираат нови форми на соработка кои го опфаќаат медиумскиот простор, телекомуникациите и јавните набавки.

Медиумска пресија: Од унгарски капитал до врски со Белград

Според упатените, околу 40% од медиумскиот простор во Македонија е дел од мрежата поддржана од кругови блиски до поранешната унгарска власт. По падот на Орбан и блокирањето на дел од сметките на оваа мрежа, финансирањето наводно се пренасочува преку нови канали.

Како ново решение се посочува влијанието преку „Алта банка“ и најавеното отворање на македонска подружница на Euronews. Лиценцата, која веќе функционира во Белград, се очекува од септември да почне со работа и во Скопје, ангажирајќи новинари од постојните национални телевизии. Целта на оваа стратегија, според аналитичарите, е воспоставување целосна контрола врз информирањето и маргинализирање на критичките гласови за афери како онаа со загадената вода во четири града низ земјава.

Тендерот за автобуси: Поскапо возење за скопјани?

Класичен пример за моделот на соработка Орбан-Мицкоски се гледа во најновиот тендер за електрични автобуси во Скопје. Победник е унгарскиот производител „Икарус“, фирма сопственост на Габор Селеш – долгогодишен и отворен поддржувач на Виктор Орбан и финансиер на неговите политички маршеви.

Она што предизвикува сомнеж е цената: новите автобуси ќе ги чинат граѓаните за околу 8.000 евра повеќе по парче во споредба со претходниот тендер. Додека во Унгарија новиот премиер Маѓар истражува каде завршиле парите на даночните обврзници, во Македонија истиот круг на бизнисмени продолжува да добива милионски тендери.

Телекомуникациите како логистичка поддршка

Во оваа шема се вклопува и влезот на унгарската групација 4iG на македонскиот телекомуникациски пазар. Освен бизнис интерес, се смета дека задачата на овој оператор е да обезбеди инфраструктурна и технолошка поддршка за медиумската мрежа на власта.

Автобуси, кредити, медиуми и телекомуникации – сè укажува на добро разработен систем каде политички поврзани фирми добиваат доминација, а цената на крајот ја плаќаат граѓаните преку поскапи услуги и неточна информираност. Меѓународните истраги што почнаа во Унгарија би можеле да бидат само почеток на расплетот на оваа прекугранична политичко-економска шема.

Македонски