ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЦГК: 46 општини без тендер за пешачки премини, цените за обележување варираат и до четири пати

5

Повеќе од половина општини во земјава во периодот од 2023 до 2025 година немале ниту еден тендер за хоризонтална сигнализација, покажува истражувањето на ЦГК за општинските набавки за обележување пешачки премини. Анализата открива и големи разлики во цените, нејасни технички спецификации и отсуство на стандарди, што директно се одразува врз безбедноста на граѓаните.

Избледените и речиси невидливи пешачки премини низ државата не се случајност, туку резултат на начинот на кој општините ги спроведуваат јавните набавки за нивно обележување, покажува најновото истражување на ЦГК.

Според анализата, во електронскиот систем за јавни набавки за 46 од вкупно 81 општина нема ниту еден тендер за хоризонтална сигнализација во периодот 2023–2025 година. Тоа значи дека во тие локални самоуправи три години по ред не биле евидентирани постапки за бележење пешачки премини, велосипедски патеки и други ознаки на коловозите.

Во овие општини, според истражувањето, живеат околу 560.000 жители. Меѓу нив не се само мали рурални средини, туку и поголеми и густо населени скопски општини, како Аеродром, Чаир, Бутел и Сарај.

Немање тендер не е единствениот проблем

Истражувањето покажува дека и таму каде што имало тендери, тоа не значи автоматски дека сигнализацијата на терен е квалитетна и видлива. Во многу случаи, и покрај реализирани набавки, на улиците може да се забележат избледени или речиси невидливи линии.

Проблемот, според ЦГК, е и во самата тендерска документација. Само дел од општините поставуваат конкретни стандарди и технички барања за бојата што се користи, додека кај голем број локални власти спецификацијата е сведена на општ опис како „боја за патишта“, без мерливи критериуми за квалитет и трајност.

„Без минимални технички барања за бојата, нема механизам за проверка колку време ќе трае набавениот материјал, а јавните пари се трошат без очекуваниот ефект“, се наведува во анализата.

Цените скокаат и до четири пати

Анализата на единечните цени покажува значителни разлики меѓу општините и јавните претпријатија.

  • Бела боја за бележење улици се набавувала по цени од 132 до 296 денари за килограм.
  • Услугата за бележење со бела боја и стаклен перлит се движела од 281 до 802 денари за метар квадратен.

ЦГК оценува дека ваквите разлики не можат секогаш да се објаснат со квалитетот на материјалите или со обемот на набавките, особено затоа што кај дел од тендерите воопшто не биле наведени количини или прецизни технички барања.

128 постапки, 33 поништени

Во анализираниот период, општините вкупно спровеле 128 тендерски постапки за обележување улици, од кои 33 биле поништени.

Податоците покажуваат голема нерамномерност:

  • 46 општини немале ниту една набавка,
  • 21 општина имале една или две набавки во три години,
  • само 14 општини спроведувале набавки секоја година.

Како пример за неконзистентност, во истражувањето се наведува дека помали општини како Берово, Ресен и Крива Паланка имале тендер секоја година, додека некои поголеми општини со далеку поинтензивен сообраќај бележеле улици само еднаш или двапати во истиот период.

Различни модели, без унифицирана пракса

Дополнителен проблем е тоа што општините немаат единствен пристап во спроведувањето на овие набавки. Во некои случаи, локалните јавни претпријатија самите ја извршуваат работата и набавуваат само боја и потрошен материјал. Во други, се ангажираат приватни фирми за целосна услуга, а некаде набавката на материјал и услугата за бележење се спроведуваат одвоено.

Ова, според ЦГК, ја отежнува споредливоста, но и надзорот над тоа како се трошат јавните пари и каков квалитет се добива за возврат.

Потребни се стандарди и редовна контрола

Заклучокот од истражувањето е дека состојбата со невидливите пешачки премини е директно поврзана со недоволно стандардизираните процедури, отсуството на минимални критериуми за квалитет и нерамномерното спроведување на набавките меѓу општините.

ЦГК препорачува појасно дефинирани обврски за локалните самоуправи, унифицирани технички стандарди и поактивно следење на реализацијата на јавните набавки за хоризонтална сигнализација.

Истражувањето е изработено врз основа на податоци од Електронскиот систем за јавни набавки за периодот 2023–2025 година.

Македонски