КАДРОВСКО ЗАЈАКНУВАЊЕ НА БИХАЌКА: Филипче го номинира Горан Герасимовски за нов потпретседател на СДСМ
Лидерот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска објави дека актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, е неговиот предлог за нов потпретседател на партијата. Филипче истакна дека оваа номинација е дел од процесот на внатрешно зајакнување и обединување на социјалдемократите со докажани кадри кои уживаат висока доверба кај граѓаните.
Претседателот на СДСМ, преку официјално соопштение, упати високи пофалби за работата на Герасимовски, посочувајќи го како пример за одговорен и успешен функционер кој знае како да ги артикулира потребите на граѓаните.
„Горан е човек кој со својата посветена работа ја заслужи довербата во Центар. Неговата победа и освоениот втор градоначалнички мандат се најдобра потврда дека резултатите, блискоста со луѓето и искрената работа секогаш се препознаваат“, истакна Филипче.
Според лидерот на СДСМ, искуството на Герасимовски ќе биде клучно во градењето на новата партиска стратегија и консолидирањето на опозицискиот фронт. Филипче изрази уверување дека новиот импулс што го носи Герасимовски ќе придонесе за поефикасно дејствување против, како што ја нарече, актуелната криминална власт.
„Убеден сум дека со неговата искрена желба и докажан капацитет, Горан ќе ги обедини сите наши внатрешни потенцијали. Продолжуваме заедно, со нова енергија и посветеност на целиот наш тим, работејќи за подобра иднина на Македонија“, порача Филипче.
Номинацијата на Герасимовски се очекува формално да биде потврдена на претстојната седница на највисоките партиски органи, со што СДСМ продолжува со екипирањето на новиот раководен тим.