НСДП: Владата на Мицкоски нуди само празен патриотизам и „шминка“, додека граѓаните тонат во сиромаштија

6

По две години од мандатот на Владата предводена од Христијан Мицкоски, Нова демократска партија (НСДП) излезе со остра критика, оценувајќи го владеењето како период на изневерени очекувања и редење на неисполнети ветувања. Од партијата обвинуваат дека наместо реален раст на стандардот, власта произведува само политички маркетинг и дополнителни поделби.

Според НСДП, најавениот концепт на „Мицкоски 2.0“ е само обид за замачкување на реалноста и безидејноста на институциите. Од партијата тврдат дека наводниот патриотизам со кој власта дојде на позиција останал само на зборови, додека во заднината се развива систем на привилегии за тесни кругови на фирми блиски до власта.

„Сведоци сме на пропаднат патриотизам кој служи како параван додека реалните проблеми на граѓаните се продлабочуваат. Власта ужива во институционалните удобности, а населението се соочува со сè поголема сиромаштија и инфлација која директно го урива достоинството на работникот“, стои во партиското соопштение.

Закочени реформи и отсуство на европска насока

НСДП лоцира сериозен застој во капиталните инвестиции, посочувајќи дека наместо конкретни проекти за долгорочен развој, јавноста секојдневно е изложена на „беседи“ на премиерот насочени кон пресметка со политичките неистомисленици.

Посебен акцент во критиката е ставен на стратешката дезориентираност на државата во поглед на евроинтеграциите.

„Додека целиот регион се движи напред кон Европската Унија, оваа Влада покажува целосно отсуство на јасна насока и конкретни чекори за придвижување на европскиот процес. Македонија стагнира, додека другите напредуваат“, обвинуваат од НСДП.

Потреба од одговорна и развојна политика

Од опозициската партија порачуваат дека е потребна итна промена на политичкиот пристап – од маркетинг кон реални резултати. Тие ја квалификуваат изборната програма „Твоја Македонија“ како „голема лага“ која се претворила во систем на тендери и привилегии за малцинството.

„По две години, јасно е дека власта е целосно оддалечена од народот. Потребно е сериозно соочување со сопствените грешки и одговорност за неработењето, наместо постојано барање виновници на друго место. Одговорноста е исклучиво кај оние кои ја водат Владата“, заклучуваат од НСДП.

Македонски