ПОЛИТИЧКИ ТЕНЗИИ ВО ТЕТОВО: Протест на ДУИ против враќањето на името „Маршал Тито“ на градскиот плоштад
Под мотото против одлуката на Уставниот суд за враќање на старите имиња на улиците и плоштадот, стотици граѓани денеска излегоа на протестен марш во Тетово. Собирот, организиран на повик на Демократската унија за интеграција (ДУИ), беше насочен како против судската одлука, така и против актуелното општинско раководство предводено од Биљал Касами.
Веејќи албански знамиња и извикувајќи пароли „УЧК“, „Српски свет надвор од Тетово“ и обвинувања против градоначалникот Биљал Касами, демонстрантите маршираа од градскиот плоштад до зградата на Општина Тетово. На самиот објект беа залепени имиња на улици, а протестот заврши без јавни обраќања, но со силни политички пораки оставени преку транспарентите пред влезот на општината.
Процедурален пропуст од 2007 година
Повод за незадоволството е одлуката на Уставниот суд од 17 јуни, со која се укина преименувањето на плоштадот и дел од улиците донесено во 2007 година, во времето на градоначалникот Хазби Лика. Со оваа одлука, градскиот плоштад, кој речиси две децении се нарекуваше „Илирија“, законски се враќа на старото име – „Маршал Тито“.
Судот образложи дека тогашното раководство на Општината го повредило начелото на владеење на правото бидејќи не обезбедило задолжителна согласност од Владата за промена на имињата на инфраструктурните објекти.
ДУИ обвинува за етничко надгласување и „политичка саботажа“
Од партијата на Али Ахмети тврдат дека враќањето на старите имиња е дел од поширока кампања за „демонтирање на достигнувањата на Албанците“. Според нив, институциите се користат за бришење на трагите од воспоставената етничка еднаквост.
Дополнително, ДУИ упати остри критики до актуелниот градоначалник Биљал Касами и Владата на Влен и ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека намерно не ја бранеле одлуката пред Уставниот суд.
„Општина Тетово воопшто не презентираше аргументи во одбрана на одлуката од 2007 година. Судската одлука е донесена преку етничко надгласување, каде судиите Албанци и Турчин беа надгласани од мнозинството“, обвинуваат од интегративците.
Протестот во Тетово помина мирно, но политичката реторика најавува дополнително заострување на односите меѓу опозициската ДУИ и владејачката коалиција на локално и централно ниво.