ФИЛИПЧЕ СО ЖЕСТОКИ ОБВИНУВАЊА: Мицкоски ја изолира Македонија и ги брка младите со лажен патриотизам

4

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати остри критики до Владата и премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи ги како единствени виновници за блокираниот европски пат, галопирачката сиромаштија и масовното иселување на младите од државата.

Филипче предупреди дека државата се наоѓа пред економски и социјален колапс, додека граѓаните секојдневно се соочуваат со празни паричници и фрижидери.

„Патриотска лага“ наместо европски напредок

Лидерот на опозицијата обвини дека власта креира вештачки конфликти и ги плаши граѓаните со наводно загрозување на идентитетот, со цел да го прикрие сопствениот неуспех на меѓународен план.

„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се обидуваат да го претстават европскиот пат како закана за нашиот идентитет. Се користи истата приказна од изборите во 2024 година – дека тие се големите патриоти кои ќе нè одбранат од Европа. Вистината е дека ништо не е загрозено, ниту идентитетот, ниту јазикот. Тоа е само една голема лага. Единствениот кривец што не напредуваме е Мицкоски и оваа Влада“, истакна Филипче.

Тој се повика и на последниот извештај на Европскиот парламент, карактеризирајќи го како остар и недвосмислен.
„Извештајот јасно нотира дека нема напредок. Изразена е загриженост за независноста на судството и обвинителството, а во борбата против корупцијата не е постигнат никаков резултат“, додаде тој.

Младите се пакуваат поради бесперспективност и економски колапс

Во вториот дел од обраќањето, Филипче се осврна на економските политики на Владата, обвинувајќи дека за две години власта не вовела ниту една мерка за задржување на младите во татковината.

„Младите се целосно запоставени. Нема програми за вработување, нема поддршка за нивното станбено прашање, едноставно нема визија. Оваа власт им ја одзеде последната надеж дека тука може да се гради кариера и квалитетен живот, па затоа тие масовно ги пакуваат куферите“, потенцираше Филипче.

Тој ги обвини владејачките партии дека наместо економски развој, испорачале само сиромаштија и историски највисок државен долг.
„Цените во маркетите растат без контрола, а Владата не направи ништо да го спречи ценовниот шок по поскапувањето на енергенсите. За само две години, јавниот долг скокна од 8,5 на речиси 11 милијарди евра. Имаме празен буџет и нови кредити кои ќе ги враќаат следните генерации“, заклучи претседателот на СДСМ.

Опозицијата повика на итна промена на политичкиот курс и враќање на државата на европскиот колосек пред, како што велат, целосно да се уништи економијата и иднината на новите генерации.

Македонски