АМЕРИКАНСКО-ИРАНСКИ МИР ИЛИ КАПИТУЛАЦИЈА? Трамп прогласи „голема победа“, Техеран слави финансиски и политички отстапки

3

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша нацрт-договор од 14 точки со Иран, претставувајќи го како „голема победа“ за САД која спречила светска економска депресија. Сепак, договорот вклучува сериозни финансиски и политички отстапки кон Техеран, што предизвика бура од реакции во Израел и меѓу тврдокорните американски републиканци.

Она што започна како закана за нови воени удари, брзо се претвори во договор за 60-дневен прекин на огнот. Трамп шокантно изјави дека Иран има право да збогатува ураниум за цивилни цели, дека нема да инсистира на укинување на иранската ракетна програма и дека САД ќе мора да ги вратат милијардите замрзнати ирански средства.

Детали од контроверзниот меморандум

Договорот, кој официјално треба да биде потпишан од американскиот потпретседател Џ.Д. Венс во Женева, нуди масовни финансиски инјекции за Иран:

  • Итно укинување на американската поморска блокада и санкциите за извоз на нафта;
  • Одмрзнување на иранските средства во странство;
  • Креирање на фонд за реконструкција од 300 милијарди долари, кој ќе го финансираат земјите од Заливот.

„Ние не вложуваме ниту 10 центи во тој фонд. Земјите од Заливот ќе инвестираат, а исплатите ќе зависат од доброто однесување на Иран“, се правдаше Трамп, додавајќи дека замрзнатите ирански пари мора да се вратат за да се зачува глобалната доверба во доларот.

Договорот го опфаќа и Либан. Вклучена е клаузула за гарантирање на либанскиот територијален интегритет, со што практично му се врзуваат рацете на Израел за воени операции против Хезболах. За возврат, Иран се обврзува да ги ограничи своите сојузници и повторно потврдува дека нема да развива нуклеарно оружје.

Отворање на Ормутскиот теснец – по која цена?

Клучниот мотив на Трамп беше деблокадата на Ормутскиот теснец за да се стабилизира светскиот пазар на нафта. Тој истакна дека цената на суровата нафта веќе паднала под 80 долари за барел.

Сепак, главниот ирански преговарач, Мохамед Багер Галибаф, договорот го нарече „доказ за неуспехот на САД“. Тој најави дека Иран во иднина ќе наплаќа такси за премин на бродовите низ теснецот. „Ормускиот теснец нема да се врати на предвоените услови. Ние имаме суверенитет и ќе наплаќаме за нашите услуги“, изјави Галибаф.

Експертите предупредуваат на пребрзи отстапки

Западните сојузници од Г7, предводени од францускиот претседател Емануел Макрон, го поздравија договорот како спас за глобалната економија. Но, експертите се скептични.

Сузан Малони од Институтот Брукингс смета дека администрацијата на Трамп направила преголеми отстапки уште на самиот почеток. „Иранците добија сè однапред. Ќе можат да извезуваат нафта без санкции, што е надреално. Многу брзо ќе заработат огромни пари“, предупредува Малони.

Додека Трамп инсистира дека пазарот позитивно реагира на договорот, останува нејасно како Вашингтон ќе го натера Иран да преговара за својата балистичка програма во иднина, тема која Техеран упорно одбива да ја дискутира со европските сојузници.

Македонски