Скандалозно видео: Странци ловат и пијат крв од дивокоза во НП „Маврово“ со придружба на парковско возило – екологистите бараат итен мораториум

Дваесет граѓански организации алармираат за тотален правен хаос во најголемиот национален парк во Македонија: Нема закон за репрогласување, нема План за управување, а дивиот свет и балканскиот рис се оставени на милост и немилост.

27

Вознемирувачко видео на кое се гледа како странски државјани ловат дивеч на македонските планини и пијат крв од штотуку застрелана дива коза ја згрози јавноста и го вклучи алармот кај еколошките здруженија. Како што денеска соопштија од граѓанската организација „Еко-свест“, на видеоматеријалот со времетраење од речиси половина час јасно се забележува дека странските ловци имале директна логистика од теренско возило со официјални ознаки на Националниот парк „Маврово“.

Овој инцидент е само врв на ледениот брег на долгогодишниот институционален хаос. НП „Маврово“ во моментов е единствениот национален парк во државата кој сè уште не е законски репрогласен, нема усвоен План за управување, ниту Програма за заштита на шумските живеалишта.

Поради ова, коалиција од 20 граѓански организации испрати официјално барање до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање за итно финализирање на постапката за репрогласување на паркот и воведување итен мораториум за сите штетни активности на ова подрачје.

Правен вакуум: Управата на паркот ја кочи Студијата за заштита

Иако според Законот за заштита на природата од 2004 година сите заштитени подрачја мораа да бидат репрогласени најдоцна до 2010 година, Маврово веќе 14 години функционира во целосен правен вакуум.

„Упативме писмо до Владата и ресорното министерство за итно продолжување на постапката, но досега немаме никаков одговор. Пред две години со буџетски средства беше изработена нова Студија за ревалоризација, која го дефинираше строгото зонирање. Иако студијата беше прифатена од научната јавност, локалните власти и населението, процесот е целосно блокиран бидејќи не ја прифаќа актуелната управа на паркот. Бараме нацрт-законот итно да оди на јавна расправа, а до неговото усвојување да се прогласи мораториум за секакви комерцијални активности“, изјави Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко-свест“.

Екологистите предупредуваат дека наскоро истекува двегодишниот рок на важност на новата Студија, со што пропаѓаат и парите вложени од државниот буџет, исто како што претходно во 2015 година предлог-законот беше повлечен од ЕНЕР без никакво образложение.

Сеча, хидроцентрали и лов наспроти истребувањето на балканскиот рис

Отсуството на основните стратешки документи овозможува непречено одвивање на дејности кои се строго забранети во заштитени зони, како што се неконтролираната сеча на шумите и ловот.

„Паркот функционира без основни документи со кои Министерството за животна средина треба да гарантира ефикасна заштита на биодиверзитетот. Во вакви услови, се врши сеча и лов, што директно го загрозува опстанокот на заштитените видови“, предупреди Марко Гучевски од „Еко-свест“.

Дополнително, институциите сè уште не постапуваат по препораките на меѓународната Бернска конвенција, која побара целосно откажување од изградбата на мали хидроцентрали во Маврово. Наместо поништување, концесијата за хидроцентралата на реката Рибничка сè уште е активна.

Што крие биодиверзитетот на Маврово?

Според последната научна ревалоризација од 2023 година, Националниот парк „Маврово“ претставува непроценливо природно богатство кое бара проширување на границите за дополнителни 1.000 хектари и зголемување на зоните на строга заштита за над 20 отсто.

На теренот е потврдено присуство на:

  • 14 единки на балканскиот рис – критично загрозен вид од кој во целиот свет има останато само околу 50 единки;
  • 130 кафеави мечки и стабилна популација на волци;
  • Една од најголемите европски популации на ретката пеперутка бакарец;
  • Најголемата природна шума од див костен со вековни стебла;
  • Пораст на шумскиот фонд од 30.600 на 36.200 хектари во изминатата деценија.

Еколошките здруженија порачуваат дека институциите мора веднаш да изберат дали ќе застанат на страната на заштитата на европското природно наследство или ќе продолжат да толерираат бизнис интереси и крвави ловечки атракции на сметка на националното богатство.