ВАЈЦ ПРЕД ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ: ЕУ не бара менување на историјата, Македонија е следна за членство по Црна Гора и Албанија

11

Европскиот парламент денеска на пленарна седница во Стразбур ќе гласа за финалната верзија на извештајот за напредокот на Северна Македонија. Известувачот за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц, во своето излагање испрати силни пораки за итно засилување на евроинтеграциите, потенцирајќи дека меѓусебното почитување на идентитетот мора да биде темел на добрососедството.

Вајц ја оцени Северна Македонија како клучна земја која, заедно со Црна Гора, успеала да го зачува мирот во турбулентните деведесетти години. Тој призна дека одговорноста за застојот не е само кај Скопје, туку и кај самиот Брисел.

„ЕУ не бара идентични учебници по историја“

Еден од најзабележителните делови на неговиот говор беше освртот на билатералните спорови и идентитетските прашања. Вајц беше дециден дека европското законодавство не подразбира усогласување на историските факти како услов за членство.

„Она што не е дел од европското законодавство се 100% идентични историски учебници. Јас никогаш не би се осмелил да го доведам во прашање идентитетот на мојата соседна земја. Никогаш. Ова меѓусебно прифаќање е темел на соработката. Наша задача е да помогнеме со мали чекори за да се врати довербата меѓу Бугарија и Северна Македонија“, истакна Вајц.

Според него, по зачленувањето на Црна Гора и Албанија, Северна Македонија е природниот следен кандидат за влез во Унијата, додавајќи дека земјата мора да остане мотивирана преку видливи награди како делумната интеграција во заедничкиот пазар и роаминг зоната.

Марта Кос: Проширувањето е штит против хибридните закани

Во дебатата учествуваше и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која предупреди дека секое натамошно одложување на интеграцијата го изложува регионот на зголемени хибридни закани од трети страни.

„Ако не успееме да ги интегрираме земјите од Западен Балкан, Молдавија и Украина, други сили ќе ги искористат како оружје против нас. Процесот се базира на заслуги и нема кратенки, но работиме на постепена интеграција која ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните, вклучително и преговорите за бесплатен роаминг“, порача Кос.

Покрај за Северна Македонија, европратениците денеска ќе ги усвојат и извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, со што ќе се заокружи овогодишната оценка на Парламентот за напредокот на регионот.

Македонски